„Вие зборувате за минатото, но како што и во сегашноста е реалност вашиот идентитет, како што велите, така и во минатото бил јасен. Да речеме, за еден Гоце Делчев, за кого многу се зборува; Србија го преименува булеварот во Белград зашто Гоце Делчев бил Бугарин. И кога се вели дека бил Бугарин, зошто е тоа проблем, помалку Македонец ли е Гоце Делчев така?“, беше прашан премиерот Зоран Заев во интервјуто за БНГЕС.
„Заради тоа што заедничката, општата историја, е заедничка и општа. И таа треба да ја оставиме да нѐ сплотува и двете страни, граѓаните и Блгари и Македонци да си ја чувствуваат за своја. Затоа што ако го немало Гоце Делчев требало да го измислиме за да нѐ спојува. Затоа што историјата заедничка, во еден минат регион на територија на регионална Македонија, навистина живееле Македонци што зборувале македонски јазик, живееле и Блгари кои зборувале блгарски јазик. Живееле луѓе коишто се чувствувале истовремено и Блгари и Македонци, и тоа е апсолутно право. Низ таа заедничка историја, ние двете страни треба да бидеме паметни да ги градиме мостовите на пријателство. И затоа зборуваме дека Гоце Делчев е револуционер и за Блгарите и за Македонците, којшто се борел и за слободата на Македонија, и за Одринско, и за сѐ. И тоа е апсолутна реалност“, рече Заев.
„Значи нема никаков проблем да се каже Гоце Делчев како се чувствувал. Проблем ли е тоа?“, потенцираше новинарот.
„Така е, и ние ги имаме книгите, и тие книги треба да се објават, историчарите да го потврдат тоа, и целото тоа треба да го направиме на најубав начин како да станеме уште подобри пријатели, уште повеќе да соработуваме. Кај младите луѓе да створиме плус атмосфера за да го користат тоа минато како скалило за подобра иднина во периодот којшто претстои“, рече премиерот.
„Ако добро ве разбирам, македонската држава во моментов е подготвена да ги отвори тие страници и луѓето во Македонија да разберат што се случувало?“, праша новинарот.
„Ние веќе за историски личности од средниот век наназад, од Цар Самоил, од Кирил и Методиј, Климент и Наум, дефиниравме заедничко чествување, имаме записници. Јас верувам дека двете страни се веќе подготвени да ги објавиме, оти треба да ги увпишеме во учебниц’те. Затоа што новите генерации не ја знаат целата оваа реалност којашто треба да нѐ сплотува. И во самите учебници, и во Северна Македонија и во Бугарија, тоа влијае на луѓето на многу погрешен начин. Треба тоа да го промениме.