Заев: Европските лидери добро разбираат дека македонскиот идентитет никогаш нема да биде за преговори

„Осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори“, порача денеска премиерот Зоран Заев во видео обраќање до граѓаните, директно од Брисел, каде заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

„Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош… Сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција: Додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина“, уверува премиерот.

Тој потенцира дека и ние (како и сите народи) имаме гордост и сопствен идентитет и дека гордоста може да ја варира, односно да ја интензивираме или смируваме, но македонскиот идентитет и јазикот се неприкосновени, едни и единствени, непроменливи.

„Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка“, подвлекува Заев.

Тој повтори дека Македонија го испорача својот дел и сега е на ред Европската унија да го стори тоа, додавајќи дека единствен европски начин е заедничкиот напредок, а не градење ѕидови.

- Реклама -