Заев: Договорот со Бугарија е препознаен од сите граѓани, над 75 отсто се против референдумот a другите се членови на ВМРО-ДПМНЕ

Договорот за пријателство со Бугарија е препознаен од сите граѓани и над 75 проценти од нив се против иницијативата за одржување референдум за негово поништување, покрената од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, тврди екс-премиерот Зоран Заев, кој заедно со тогашниот негов колега Бојко Борисов е потписник на истиот.

„Тоа е препознаено од сите граѓани, над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а другите 25 отсто ги има бидејќи тоа се членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во светот нема да најдете никаде некој кој би бил против пријателство, добрососедство, соработка. Нашиот македонски народ и сите етнички заедници во Северна Македонија нема да го поддржат тоа“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Конференцијата „МКБГ2023: Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво“, на која свечено му беше доделена титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) на Илхан Ќучук, европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава.

Заев истакна дека конечна цел и задача на сите, а најмногу на политичарите, е да обезбедат иднина за својот народ, за целиот регион, за целиот европски континент, и да дадат позитивен пример на светско ниво во политиката.

„Убеден сум дека нашето пријателство, добрососедство и соработка во иднина ќе биде пример и, од тој аспект, како поранешен градител на тоа пријателство, потписник на Договорот, испраќам порака до политичарите во Северна Македонија и во Бугарија да го негуваат пријателството и добрососедството“, порача Заев.

Меѓу другото, тјо изјави и дека е горд не само на Договорот со Бугарија, туку и на Преспанскиот договор. Со овие договори, рече, повторно ги изградивме нашите пријателства со нашите соседи. Како поранешен премиер, додаде Заев, стои на располагање да пружи помош во градењето на добрите односи меѓу Скопје и Софија, а помош понуди и во однос на деловната соработка.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Во врска со измените на Уставот и внесувањето на бугарското малцинство во него, Заев верува дека политичка волја за тоа  има, при што потсети дека во нашиот Устав има седум етнички заедници, а со измените ќе се впишеле и нашите сограѓани со бугарска, црногорска и хрватска самосвест.

„Сметам дека тоа е прашање кое треба да се реши час поскоро. Хрватска, која е земја членка на ЕУ, на пример, во нејзиниот Устав има 24 етнички заедници. Ние го разбираме бугарскиот Устав, тој е поразличен од нашиот Устав, е по линијата на Франција, САД и други, а ние сме мултиетничка земја и верувам дека тоа наскоро ќе го сториме и ќе чекориме кон отворање на поглавјата со ЕУ“, рече Заев.

Во однос на доделувањето на титулата почесен доктор на Илхан Ќучук, Заев изрази задоволство, оценувајќи дека известувачот на ЕУ работи не само во интерес на земјава, туку и во интерес на целиот регион.

„Тој е симбол на нашето пријателство и се надевам дека неговиот пример ќе го следат сите политичари и во Северна Македонија и во Бугарија“, рече Заев.

Извор: МИА

- Реклама -