Заев: Бугарија да ја дозволи првата Меѓувладина конференција, а потоа има 3×35 прилики да нѐ блокира

Проблемот со Бугарија е „смешен и непостоечки“, но премиерот Зоран Заев сепак смета дека до решение може да се дојде. На економскиот форум Делфи во Атина, тој истакна дека од решение нѐ дели само еден чекор, затоа што сѐ што треба Бугарија да направи е да дозволи да се организира првата Меѓувладина конференција со ЕУ за почеток на преговорите за членство. Понатаму, ако сака, Бугарија ќе има над 100 прилики да нѐ блокира, порача тој.

„Бугарија го измисли ова прашање, јас дури не можам да објаснам што е проблемот сега бидејќи е смешен проблем, проблем кој не постои. Ние треба да најдеме решение бидејќи е корисно и за Бугарите во Бугарија и за Македонците во Северна Македонија и тоа ќе ни донесе само корист“, рече Заев.

Тој потсети дека од лани во март имаме едногласна одлука од сите ЕУ членки дека државата 100% го исполнила реформскиот процес и дека е подготвена да ги почне преговорите.

„Сега само треба да ја организираме првата Меѓувладина конференција. После тоа има скрининг процес, па прво поглавје, има триесет и пет поглавја… Бугарија има 3 пати по 35 пати можност да нѐ блокира, ако сакаат. Но навистина, ние сакаме да ја подобриме соработката со нашите соседи. Ние сме мала земја и сме опкружени со пријатели и сакаме да ја подобриме соработката на цела низа полиња“, истакна премиерот, притоа потенцирајќи дека ни е потребна поддршката од Грција:

„Ни треба помош од Грција, која сега е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна преку Европскиот совет, преку премиерот Мицотакис, преку вашиот министер Дендијас. Тие се многу фокусирани, тие се лидери на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската унија. Ние не го забораваме самитот во Тесалоники во 2003 година, каде беше отворена иднината за Западниот Балкан во ЕУ. Оттаму, навистина очекувам да продолжи поддршката што ја гледаме последните месеци од грчкото лидерство за членство на Северна Македонија во ЕУ“, истакна Заев.

- Реклама -