Заев: Ако Бугарија нѐ блокира, значи од нас се барало нешто за што не смееме да разговараме, ниту сакаме да прифатиме

Има нешта што браќата и пријателите јасно и гласно и за пример ги потврдуваат. Во спорот со Бугарија, тоа нешто не е само да се признае нашето право на самоопределување, туку чисто и јасно да се прифато македонскиот јазик и македонскиот народ, порача премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за наметнатниот спор од Бугарија и шпекулациите дека од македонската страна се бара потпишување на нов договор кој ќе наложи уставни измени, налик на Преспанскиот.

„Европската унија подготвува прва меѓувладина конференција каде секоја од земјите има право да донесе одлука и солидарно и консензуално се носат одлуките. Првата меѓувладина конференција значи официјален старт на преговорите и спроведување на одлуката од март на Европскиот совет за почеток на преговорите. Истовремено, како што знаете, јас го предупредив нашиот македонски народ, и стојам на тоа предупредување, дека постои можност да не се одржи првата меѓувладина конференција. И сите знаеме зошто; зашто можно е една земја – пријател, сосед, брат, да не даде позитивно светло.

Зошто? Зашто има работи за кои навистина не се разговара, туку браќата и пријателите за пример ги потврдуваат. И тоа, не правото на самоопределба да ни се признае, коментира или јавно прифати, туку чисто јасно – македонскиот јазик и македонскиот народ. Тоа го прават пријателите и браќата и јас верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои, бидејќи тоа и од мојот одличен пријател Борисов неколку пати е зборувано јавно за македонскиот народ, за македонскиот јазик. На одбележувањето на годишнина од Холокаустот тој испрати порака до македонскиот народ – тие ја признаваат реалноста на македонскиот јазик и очекуваме  навистина тоа да се случува во периодот кој претстои“, рече Заев, по што уште еднаш ги потенцираше заложбите од македонска страна за добрососедски односи:

„Ние сме, секако, секогаш подготвени уште еднаш да ги кларифицираме и потврдиме сите наши уставни определби и определби во договорите за добрососедство и пријателство со Бугарија, а тоа е дека Република Македонија или Северна Македонија е исто што и политичкиот субјект територијата на Република Северна Македонија, односно немаме никакви територијални претензии. Имаме само намера за пријателство и соработка, нашето немешање во внатрешните работи, спремни сме на чекорите на комисијата коишто се успеси итн. Верувам дека низ духот на позитивно однесување и меѓусебно разбирање, поддршка и помагање, ќе ги изнаоѓаме решенијата на овие прашања“, рече премиерот.

Прашан конкретно да одговори дали Бугарија бара нов „Преспански“ договор, Заев демантираше дека има такво нешто и категорично порача дека нема потреба од нешто дополнително од постоечкиот Договор за добрососедство:

„Знаете како, јас ова прашање го сфаќам како она – ќе отвори некој тема во медиумите, на таа тема некој друг се накалемува, па трет се накалемува и доаѓаме до една контрадикторност и невистини. Прво, Договор ние имаме – тоа е Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија. Низ тој договор се решаваат историски поглавја кои треба да бидат дел од нашето заедничко чествување низ коешто ќе го градиме пријателството, а тоа е како дел од заедничката историја. Во договорот, којшто е потпишан на македонски и на бугарски јазик, се зборува за двата народи. Нашиот македонски јазик и македонски народ е впишан во Обединетите нации, признаен од целиот свет. Заради тоа што сѐ уште има дилема во наративот од пријателска Бугарија – ‘ние ја признаваме реалноста за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ’, јас навистина очекувам исчекор и израз на огромно пријателство. Тоа го чувствува бугарскиот народ кон македонскиот, тоа го чувствува и македонскиот народ кон бугарскиот. Пријателите навистина гледаат да ги потврдат тие пријателства, така што очекувам израз на јасен и недвосмислен исказ за потврда на нашиот македонски јазик и македонски народ. Тоа го очекувам јас. Ниту има потреба, ниту држави признаваат идентитет, ниту држави се повикани да признаваат идентитет“.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Она што треба да се случува во следниот период, посочи Заев, е заедничката комисија за историски прашања да продолжи со работата. Заев ги охрабри членовите на истата да продолжат со динамична работа, но ги посочи и примерите од Европа – како историските комисии меѓу Германија и Полска или Чешка и Германија, кои, како што рече, првпат решение нашле после 10 години од нивното формирање, и работеле по 20 до 30 години.

„Ние навистина за една година имаме решенија од пет историски личности во три историски периоди и тоа е само по себе потврда дека продолжуваме и понатаму да ги решаваме прашањата токму во духот на пријателството, соработката и негувањето на добрососедските односи помеѓу двете земји.

Вториот дел, сепак, е на одлуката на Бугарија. Бугарија е земја членка на ЕУ. Во декември, под раководство на германското претседателство, сите земји членки на ЕУ треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција. Ние имаме одличен извештај и навистина сме охрабрени од инфаструктурно-економскиот фонд кој е насочен кон Западен Балкан, од 9 милијари евра грант на кои треба да се налепат некои 20 милиони евра меки или евтини кредити. Сето тоа е една убава иднина пред нас, така што јас верувам дека Бугарија, која што беше и сега е најголем поддржувач, ќе продолжи и во иднина да биде најголем поддржувач. Во сите свои изјави и наративи бугарската страна тоа го потврдува, така што јас верувам дека тоа ќе се случи во декември. Но, ако не се случи, тогаш треба да се знае дека од нас се барало нешто за што ние никако ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Но, да оставиме простор да се разговара од страна на комисиите“, истакна Заев, по што, на инсистирање на новинарите, категорично потврди дека Бугарија не бара нови уставни измени:

„Бугарија не бара промена на Уставот и решението не е преку потпишување на нов договор. Ние имаме договор, треба да ги решаваме работите преку комисиите. Спремни сме на изјави, декларации пред вас, усни или писмени, за да ги потврдиме нашите вредности, и од наша и од нивна страна, но верувам дека ниту некој бара, ниту треба да дојде до потпишување на нов договор, затоа што со тоа ќе го поништиме постојниот. Постојниот е добар, ратификуван е од двата парламенти, неговата имплементација следи и имаме економска соработка на задоволително ниво – не на одлично, има огромен простор и треба да ја зголемиме таа економска соработка, но очекуваме да расте, посебно да продолжи тој тренд кој започна по Договорот откако ќе помине ковид-кризата“, додаде тој.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, за свикување лидерска средба за овие прашања околу наметнатиот спор од Бугарија, Заев изјави дека со тоа само би се одмогнал процесот. Освен тоа, тој го критикуваше најголемиот опозиционер и околу придонесот што го имал и би го имал во таков случај:

„Господинот Мицкоски досега ниту имал став, ниту во нешто одговорно се втурнал за да помогне за историскиот исчекор на нашата земја, ниту пак сега гледам нешто како потребно дека тој ќе го помогне тој процес. Процесот се води меѓу Министерствата за надворешни работи, разговараат луѓето, тоа е институционално поставен процес и верувам дека ќе се изнајдат решенија. Можеме само да го одмогнеме процесот ако за вакви или слични прашања свикуваме лидерски средби, зашто тоа не е прашање за кое треба лидерите да се натегаат и да се минираат, а со конечна цел да остане државата да тапка во место, уназадена и да не ги продолжи понатаму евроинтеграциите“, рече Заев.

- Реклама -