Многумина ја познаваат јапонската марка Yamaha како производител на мотоцикли и музички инструменти. Но, вистината е дека Yamaha се занимава со уште многу активности – возила за рекреација, бродови, индустриски роботи и дури опрема за базени.
Yamaha се обиде да конструира дури свој супер спортски автомобил. Изградбата започна уште во 1990 година, но беше замрзната малку потоа, поради тогашната економска криза во Јапонија. Сепак, беа направени три прототипи на овој автомобил што го носеше името OX9911 и во себе имаше вградено V12 мотор.
Влегувањето на Yamaha во автомобилската индустрија, за оние кои не знаат, сепак започна многу пред тоа. Инженерите на брендот помогнаа да се лансира Toyota 2000GT (1967), која е позната како првиот јапонски екстра спортски модел. Потоа Јапонците се занимаваат со изработка на четири, шест, осум и десетцилиндерски мотори за различни марки. Оваа активност продолжува и до денес, а еден од најпознатите свежи примери е Lexus LFA.
Причината да ги наброиме сите овие факти е дека идејата за создавањето на супер спортски автомобил од Yamaha не е од вчера, а се актуализира по објавувањето на неколку скици на светските портали, направени од слободен дизајнер.
Иако нема потврда, но нема и деманти, за проектот на Шпанецот по име Алберт Росело, кој направи дизајн за возило кое го именува како Yamaha R Car и го опишува како „супер спортски автомобил со душа на моќен мотоцикл“.
Проектот се граничи со фантастика, возилото има 900 КС и тежи под 1.100 кг, но дефинитивно изгледа добро. Дали сепак тоа ќе помогне за реализирање на идејата за супер модел на Yamaha треба да видиме, но извори од Јапонскиот производител велат дека проектот бил со задоволство прокоментиран.