Вучевиќ: Доколку Курти испрати полицајци во северно Косово ќе има несогледливи последици

Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека обезбедувањето мир на Косово е „обврска на КФОР, а нивна процена е колку жива сила и оружје се потребни за тоа“, јави дописникот на МИА од Белград.

„Гледаме на КФОР како фактор кој мора да ја заштити и гарантира безбедноста на сите граѓани во покраината. Посебно сега, по повлекувањето на Србите од институциите во покраината, да не му се дозволи на (Албин) Курти да испрати полицајци од албанска националност од југ да ги заменат српските полицајци. Тоа би бил пат со несогледливи последици“, истакна Вучевиќ за „Вечерње новости“.

Шефот на ЕУЛЕКС на Косово, Ларс Гунар Вигемарк, изјави дека „во моментов, седум земји-членки на Европска Унија се подготвени да придонесат и да се приклучат на патролите на ЕУЛЕКС во северниот дел на Косово.“

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

„Во саботата имавме средба со командантот на КФОР, министерот (Џељал) Свечља и вршителот на должноста директор на полицијата“, изјави Вигемарк за „Кљан Косова“.

Тој изјави и дека добил писмено барање од косовската полиција да продолжат да бидат на терен и да ја следат ситуацијата, особено во северниот дел на Косово. Вигемарк посочи дека пред два дена од Италија пристигнале 23 карабинери, а се очекуваат припадници на жандармеријата од најмалку уште две земји како дел од Европската полиција.

„Минатата недела веќе додадовме сили на теренот, а вчера ја засиливме единицата“, рече Вигемарк, наведувајќи дека ситуацијата на теренот моментално е мирна.

МИА

- Реклама -