„Македонската страна треба да се соочи со објективната историска вистина“… Ви звучи познато? Секако, затоа што тоа е позицијата на Бугарија која секојдневно ја повторуваат, некогаш и по неколку пати во денот, највисоките политички претставници на нашиот источен сосед. Но, истата не е само бугарска позиција.
Имено, во преговорите за спорот со Бугарија, министерот за надворешни работи Бујар Османи, црпи мудрост од професорот Денко Малески. Како што пишува „Телма“, денеска Османи потврди дека ги користел услугите на Малески, кој беше и прв министер за надворешни работи на Македонија.
Но, Малески беше екстра-популарен и лани во април, кога гостуваше на бугарската ТВ „Европа“ во емисијата „Слободна зона“ на Георги Коритаров (кој пак неодамна освои симпатии во Македонија со прилогот на ЛИНКОВ) и притоа, како што констатира „Телма“, го декларираше Крсте Петков Мисирков за Бугарин, а за Гоце Делчев рече дека имал бугарско национално чувство.
„Реакциите за настапот на професорот Денко Малески на бугарскиот телевизиски канал ‘Европа’ се базираа на кратки извадоци од интервјуто на социјалните мрежи и во дел од медиумите, без да се пренесе пошироката експликација во неговите одговори“, оцени тогаш порталот „360 степени“, па во текст насловен „Што точно рече Денко Малески за бугарската ТВ Европа? (ВИДЕО)“, со цел „што поверодостојно информирање на јавноста“, пренесе дел од одговорите во целост и го објави целосното видео од интервјуто.
Еве што точно рече Малески во тоа интервју, потврдено од „360 степени“, за Крсте Петков Мисирков:
„„Тој (Крсте Петков Мисирков) е Бугарин, очигледно, кој зборувал за национален сепаратизам и затоа бил критикуван. Мотивите му биле јасни. Има едно добро научно објаснување во таа негова книга ‘За македонските работи,’, која е полна со еден збор кој е карактеристичен за модерната научна мисла. Цело време низ таа мала книшка провејува зборот ‘интереси’. Кои се интересите на големите сили, кои се интересите на Македонија, кои се интересите на соседните земји… Ништо од тоа не се остварува, Балканските војни се случуваат и кога фондацијата Карнеги испраќа една комисија да ги истражи војните, тие во книгата пишуваат: Да, сигурно најдобро ќе беше оваа територија, на последната европска провинција на Отоманското царство, да беше прогласена за посебна држава, како и другите балкански земји. Се разбира, мултиетничка држава“.
За Гоце Делчев, Малески го рече следново:
„Тоа е точно. Тој се определил како Бугарин, но треба да се знае дека тој е роден во една мултинационална заедница каква што била Македонија во тоа време. Тој имал чувство за еден силен локалпатриотизам кон својата земја, за која се борел, за Македонија. Според тоа, не може да се порекне неговото бугарско национално чувство, бидејќи тоа сам го кажувал, но исто така, треба да се земе предвид колку тој се залагал за земјата во која живеел. И фактот дека тој бил социјалист којшто немал некои големи симпатии кон бугарскиот двор“.
За спорот со Бугарија и компромисот кој треба да се бара, Малески рече:
„Генерално кажано, македонската страна треба да се соочи со објективната историска вистина на начин на којшто објаснив сега, а бугарската страна да се соочи со реалноста на современото постоење на македонската нација и македонскиот јазик. Тоа е излезот. Се разбира, во односот меѓу државите играат и некои други фактори како моќта, позицијата на државата итн. Меѓутоа, ова би бил европскиот приод за едно трајно пријателство и за отворање на една европска иднина која ќе нè поврзува на начини на кои не можеме од сега да ги предвидиме“.
Во интервјуто, Малески го доведе во прашање и толкувањето на нашите историчари за создавањето на македонската нација:
„Тие можеле да прават селекција на историските факти, онака како што им одговарало. Ако пишува Бугарин, можело да се пречкрта и да се напише Македонец. Тоа денеска веќе не е можно, живееме во еден отворен свет, доволно е да се кликне на интернет и да се прочита се околу спорот. Оттаму тоа е задачата на македонската историографија. Сите тие наши книги кои се практично базирани на барање на она што нè одвојува, посебностите. А такви може да се најдат во книгите на нашите историчари и тие не се лажни, во смисла кога се создавал бугарскиот литературен јазик мнозина тука рекле – ние не разбираме кој е овој јазик и многу други такви историски ситуации кои ја нагласуваат нашата посебност. Но, од тоа не може да се направи целата објективна историска вистина. Да, кажува дека ние сме биле еден народ, но сега веќе не сме. Сега сме два различни народа, со два различни јазика кои влегуваат во една заедничка перспектива во Европската Унија“.
***
Изваден од контекст, или не, по интервјуто на Малески следуваше реакција од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски:
„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи“, порачаа оттаму, потенцирајќи дека ќе ја продолжат соработката со него (причините се наведени во линкот погоре).
Ваден од контекст, се чини, Малески беше и во Грција, каде се појавија текстови со наслови од типот „Хистерија во скопските медиуми откако поранешен министер изјави ‘всушност сме Бугари, а не Македонци’ “, а во меѓувреме неговото интервју се прочу и во Будимпешта, од каде азилантот Никола Груевски напиша долг текст во кој Малески го нарече „јастребот на националните отстапки“.
На ова, секако, се закачи и бугарскиот министер за одбрана – Красимир Каракачанов, кој го поздрави и го оцени како „добро изненадување“ признанието на првиот министер за надворешни работи на Македонија – дека Бугарите и Македонците, сепак, во минатото биле еден народ:
„Моите искрени честитки за ова ‘научно откритие’ на професорот! Јас, се разбира, сметам дека не само што сме биле, туку продолжуваме да бидеме еден народ – макар и нacила разделени. Не само тоа – верувам дека не е далеку денот кога повторно ќе бидеме заедно и таму каде што течело – пак ќе тече“, напиша Каракачанов на Фејсбук.
Меѓутоа, не застана таму:
„Во своето интервју, професорот Малевски го признава и бугарскиот идентитет на Гоце Делчев и на Крсте Мисирков. Јас би додал дека не само тие, туку и сите други национални преродбеници и револуционери од ВМРО се Бугари! Бугари кои зборувале и пишувале на бугарски јазик и кои ги дале своите животи за бугарштината во Македонија“, напиша, исто така, Каракачанов.
***
Во меѓувреме, љубовта на Османи, или барем на ДУИ, кон Малески, не е нова. Во декември 2018-та, на пример, неколку месеци пред претседателските избори, во интервју за „Телма“, Османи посочи дека Демократската унија за интеграција отсекогаш го поддржувала професорот Денко Малески како можен консензуален претседателски кандидат, и не само за тогаш претстојните избори во мај 2019. Тој потсети дека Малески бил нивниот предлог уште во времето кога беа во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, како и дека лидерот на партијата – Али Ахмети, јавно го оцени Малески како кандидат кој ги задоволува неговите критериуми.