Да, професорот Денко Малески го советува шефот на државата Стево Пендаровски, но неговите ставови (дека Македонците и Бугарите биле еден народ и дека Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков биле Бугари) не кореспондираат со оние на Пендаровски, велат од Кабинетот на претседателот.
Во соопштението се посочува и дека ваквите јавно искажани ставови на Малески не значат дека претседателот треба да прекине да соработува со него.
„Професорот Денко Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во Кабинетот, постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и д-р Александар Љ. Спасов со кои претседателот е во комуникација на дневна основа.
Освен споменатите, претседателот се консултира и со многу други експерти и професори од академската заедница и од МАНУ“, се вели во соопштението.
„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи.
Меѓутоа, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малески. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“, додаваат од Кабинетот на претседателот