
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел се сретна со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, со фокус на регионалната соработка и европската перспектива на регионот.
На средбата со Ирена Андраси од Хрватска, Јоанис Враилас од Грција, Балинт Одор од Унгарија, Винченцо Челесте од Италија, Јурај Ноциар од Словачка и Владимир Бертл од Чешка, таа се заблагодарила за поддршката.
Сиљановска-Давкова истакнала дека, и покрај блокадата во пристапниот процес, усогласеноста на македонското законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат посветеноста на државата кон евроинтеграциите.
Како дополнителен показател го навела забрзаното спроведување на Реформската агенда, што е посочено и во овогодишниот извештај на Европската комисија.
Претседателката изразила очекување интензивирањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на регионот да бидат приоритет на претстојните претседателства со Советот на ЕУ, особено за време на претседателствувањето на Грција и Италија.



