
Европската комисија во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година издвојува реформски чекори во органското производство, фитосанитарната политика и рибарството. Меѓу нив се новиот Закон за органско производство, планот за одржлива употреба на пестициди и планот за управување со јагулата.
Во земјоделството и руралниот развој, извештајот бележи продолжување на усогласувањето на политиките со законодавството на Европската Унија. Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027 била ажурирана во февруари 2026 година, а новиот Закон за органско производство стапил во сила во март.
ЕК оценува дека земјата има добро ниво на подготвеност во безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Извештајот ги наведува активностите за интегрирана заштита од штетници во два пилот-региона, развојот на фитосанитарниот информациски систем и редовното ажурирање на листата на штетни организми.
Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувала редовни ревизии на лабораториите, а во повеќето области работела според стандардите за управување со квалитет. Европската комисија ја одобрила националната програма за мониторинг за 2026 година на остатоци од ветеринарни лекови и контаминанти во производи меѓу кои се месото, млекото, јајцата и медот. Во извештајот се наведува и напредна усогласеност на националното законодавство со правилата на ЕУ за благосостојба на животните.
Во рибарството и аквакултурата, извештајот го издвојува Националниот план за управување со јагулата, со мерки за нејзино зачувување и за намалување на смртноста предизвикана од човечки активности. Забележани се и мерки за заштита на чувствителни видови риби, порибување со охридска пастрмка и засилени активности за инспекциски надзор и контрола.
Во руралниот развој продолжува спроведувањето на ИПАРД III, како и реализацијата на акциски план на националните институции за подобрување на спроведувањето на програмата.



