ВМРО-ДПМНЕ: Што содржи новата понуда на Заев? Дали ќе ѝ продаде сериозен државен капитал на Бугарија?

„Бидејќи очигледно се водат тајни разговори со Бугарија, без детали за новиот договор кој се нуди, го прашуваме Зоран Заев во кој дел од програмата на СДСМ пред изборите вети нов договор со Бугарија и кога престана неговото тврдење дека претходно постигнатиот договор е најдобар што можел да се постигне опишувајќи го тоа како огромен успех. Од кого тоа доби дозвола да преговара и води тајни разговори и дали не се во игра и приватни бизнис интереси на Заев врзани со една банка, и други два вносни бизниси? Дали Заев нуди промена на Уставот?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако синоќа лидерот на ДУИ – Али Ахмети, во интервју на „ТВ21“, откри дека имало размена на понуди и документи меѓу Македонија и Бугарија и дека се чека реакција од бугарската страна на една од понудите.

Во интервјуто, Ахмети изрази надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија и оцени дека надминување на недоразбирањата е само прашање на време.

„Наместо да молчи и да се однесува како кукавица каде што ќе се обиде повторно да им забие нож во грб на граѓаните кукавички и да ги обезличи уште повеќе, Заев нека се одважи и нека говори јавно за целиот проблем, начинот и текот на преговарање со источниот сосед“, повика на денешната прес–конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски.

„Знаејќи ги ставовите и црвените линии на бугарската влада, сакаме да прашаме и прашуваме, за кое што Зоран Заев мора веднаш да одговори, што содржи таа понуда која што ја дала Владата на Заев до бугарската страна? Од што се откажува Зоран Заев и каква штета трпат граѓаните и државата заради неговата понуда за нов договор и одблокирање на интеграциите? Каде оваа понуда која што ја дал Зоран Заев ја вети пред изборите на граѓаните и каде им ја објасни на граѓаните? Зошто повторно се обидува да ги изманипулира граѓаните со нешто што не го ветил, а сега го нуди за да ги обезличи уште повеќе? Што сѐ има понудено Зоран Заев во таа нова понуда? Пред изборите говореше дека договорот со Бугарија е најдобриот договор што можел да се склучи и зошто сега има било каква потреба од нови понуди кои никој не знае што содржат?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Лефков: Дрин Ахмети книжел милиони под закрила на институциите водени од кадри на ДУИ

Арсовски, меѓутоа, уште еднаш истакна дека опозицијата има информации дека Заев ветувал и други концесии кон бугарската страна, односно големи бизнис ветувања кои вклучуваат сериозен приватен и државен капитал кој требало да биде продаден на бугарски фирми и бугарски бизнисмени.

„Тука би набројале, една поголема банка, државниот удел на Република Македонија во Телеком, што ќе значи и целосно приватизирање, железнички транспорт, ТЕЦ Неготино, земјоделско земјиште кое што наводно и веќе било капарисано од одредени луѓе кое што треба да стане градежно и уште многу други работи“, рече Арсовски.

„Со измамникот Заев Македонија не е на сигурно. Македонија е погазена од Заев. Од Македонија се бара невозможното – поради Заев“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев е еден обичен лопов и брутален лажго. Зоран Заев е човекот кој ја обезличи Република Македонија и го обесчести македонскиот народ, единствено за свои лични интереси. Тој е најголемиот манипулатор и преварант што некогаш стапнал на македонската политичка сцена“, обвини портпартолот на најголемата опозициска партија, повикувајќи на итно формирање на влада за национален спас.

 

- Реклама -