Вендинг машина за луксузни автомобили на 15 ката

Заборавете на лименки, чипс и кроасани – во Сингапур има вендинг машина со Bentley, Ferrari и Lamborghini.

Се работи за 15-катен продажен салон на компанијата Autobahn Motors (која се бави со продажба на половни автомобили) отворен во декември. Автомобилите се изложени во 60 „слота“, па е наречен „најголемата вендинг машина за луксузни автомобили во светот”.

Потенцијалните купувачи немаат потреба да одат повисоко од приземјето. Едноставно го избираат автомобилот што сакаат да го видат преку екран на допир, а автомобилот пристигнува за една-две минути, воден од специјален систем.

Меѓу понудените автомобили ќе најдете од модерни луксузни спортски до класични автомобили, вклучувајќи и Morgan Plus 4 од 1955 година.

Гери Хонг – генерален менаџер на компанијата, објави дека форматот на вендинг машина цели кон ефикасно користење на просторот во Сингапур – градот кој е познат по недостигот на земјиште; но истворемено и кон засенување на конкуренцијата.

„Требаше да ги исполниме барањата за изложување на многу автомобили. Во исто време сакавме да бидеме креативни и иновативни“, изјави тој пред Reuters.

Очигледно има и други заинтересирани за ваквиот концепт. Хонг истакнува дека веќе имал контакти со луѓе интригирани од користењето на Системот за управување со автомобилскиот инвентар за услуги за паркирање.

Американската компанија Carvana исто така користи „вендинг машина“ систем за да продава половни автомобили. Во март годинава, во Сан Антонио во Тексас, отвори 8-катен објект во кој изложи околу 30 автомобили.

- Реклама -