Велосипедска кацига од картон доби престижна награда за дизајн

ecohelmet

Велосипедот станува сé попопуларно средство за превоз во големите градови. Во периодот од 2001 до 2009-та, бројот на велосипеди на патиштата во САД, на пример, е скоро дуплиран. Сепак, и таму се провлекува истиот генерален проблем – тие што возат велосипеди, ретко носат кациги. Во 2015-та, во САД има 800 загинати велосипедисти.

Сега еден иновативен дизајн на кацига оди во насока да ја намали таа статистика. Иноваторот е Ајсис Шифер, која токму за овој дизајн, наречен EcoHelmet, неодамна доби и James Dyson награда (се доделува на студентски дизајни на интернационално ниво, со цел да ја инспирира следната генерација на иноватори).

ecohelmet2-1024x594[1]

А EcoHelmet е направен од картон, што значи дека е евтин и достапен за секого, за разлика од обичните кациги (кои ако се поевтини, трпат на квалитет). Се отвара и затвара како книга, а најзначајното е што картонот е вмрежен налик на шаблонот на саќе од мед, со што ја штити главата при удар од било кој агол, бидејќи го дистрибуира ударот подеднакво во сите насоки. Згора на тоа, направен е од 100% рециклирана хартија, а при оштетување, и самиот може да биде рециклиран.

Но што ако заврне? Настрана очигледниот факт дека повеќето луѓе избегнуваат да возат велосипед на дожд, дури и кога тоа се случува, обично не се потпирате на кацигата да ви ја чува главата сува, туку се покривате со кабаница, вклучително и кацигата. Исто би било и со EcoHelmet, но сепак, Шифер го има дизајнирано шлемот така што е прекриен со биоразградлив слој, кој го прави водоотпорен во првите три часа. А ако биде евтин како што предвидува Шифер, потоа едноставно го фрлате и вадите нов, небаре како да е пластична чашка.

Во меѓувреме, освен признанието, James Dyson Award на Шифер ѝ обезбеди и парична помош од 45.000 долари, за понатамошно усовршување на дизајнот.

Во моментов EcoHelmet уште не е во продажба, но можете да бидете во тек на официјалниот вебсајт на Шифер.

- Реклама -