Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер порача дека САД ќе воведат царини на производите од Европската унија во вредност од 11 милијарди долари. Таквата најава доаѓа еден ден откако американските трговски претставници предложија листа на европски производи кои ќе бидат афектирани, а сè тоа поради тековниот таканаречен „воздухопловен спор“.
„Светската трговска организација (WTO) смета дека европските субвенции за Airbus негативно влијаеле на САД, кои сега ќе воведат царини на европските производи вредни 11 милијарди долари! ЕУ веќе со години ги искористува САД во трговијата. Ова наскоро ќе запре“, напиша Трамп на Твитер.
ЕУ и САД се среде долгогодишен глобален трговски спор поради меѓусебните обвинувања за незаконско помагање на авиопроизводителите, со цел да овозможат предност во светската воздухопловна индустрија. САД ја обвинуваат ЕУ за помагање на Airbus од Холандија, додека ЕУ ги обвинуваат САД за Boeing, со седиште во Илиноис, САД.
Финалната листа на производи на кои САД ќе воведат царини како одмазда за субвенционирањето на европските авиопроизводители, се очекува летово. Во меѓувреме, и ЕУ се подготвува за одмазда за субвенциите за Boeing, соопштија претставниците на Унијата.
Спорот околу субвенциите низ Светската трговска организација се провлекува веќе речиси 15 години, а кулминира откако двете страни одлучија и најавија дека ќе преземат противмерки.