Како провокации ги оцени свирежите за македонскиот јазик на прославата на Рамковниот договор министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Провокации секогаш има и ќе има, тоа не значи дека треба да се остане нем на ваква појава. Но, сепак верувам дека тие провокации воопшто не биле од некои од чинителите на власт и се надевам дека тоа исвиркување било на некој сосема друг сегмент“, рече министерката во гостувањето на „Жешко политичко лето“ на Канал 5, во одговор на прашање дали Владата ќе реагира на свиркање на македонскиот јазик на пославата за Рамковниот договор.
Според неа, провокација е и денешниот случај кога членови на Здружение на Бугари во земјава го чистело споменикот на Гоце Делчев во Скопје и притоа на него поставиле бугарско знаме.
„Ние како држава се грижиме за нашето културно наследство, што ги вклучува спомениците и сите други спомен обележја. Не би сакала да коментирам зошто и кои се побудите зошто бугарското знаме е поставено на овој споменик, но сепак на некој начин овде станува за некаква провокација која во вакви деликатни времиња навистина не ни е потребна на ниту една од двете држави“, рече министерката за култура.
Таа во гостувањето говореше и за вметнувањето на Бугарите во Уставот и притоа истакна дека не гледа ништо лошо во таков чин.
„Со внесувањето на Бугарите во Уставот паѓаат во вода политичките тези дека се оди кон бугаризација, асмилиација..Тука е проблемот на опозицијата, бидејќи знаат што тоа ќе значи дека ќе имаме македонски народ од една страна и Бугари во Устав кои се застапени со одреден процент. Сигурна сум дека ниту еден слободоумен граѓанин нема ништо против Бугарите, Црногорците, Хрватите и сите други помали групи да бидат вметнати во Уставот бидејќи со тоа се прави многу јасна дефиниција дека постои македонски јазик, култура и идентитет, застапен од македонскиот народ во Република Северна Македонија и постои култура, идентитет и јазик на други групи на граѓани кои заборуваат други јазици различни од македонскиот јазик“, рече таа.
Во врска со тоа дали има мнозинство за измени на Уставот и дали се подготвува „некакво сценарио со поткуп, притисоци“, министерката за култура вели дека „ова не е власт која што носи закони за доброто на државата и за сите кои сите живееат во неа, со уцени, поткуп или закани“.
Таа смета дека Бугарија нема нови барања од земјава на патот кон ЕУ, а за тоа дали нешто потајно посакува, вели не би можела да зборува.
„Бугарија може потајно да посакува се што поскаува, а дали тоа ќе се оствари досега покажавме во однос на тоа, какви беа барањата предходно и кои се брањата денес дека се додека СДСМ е на власт тие ќе удрат во ѕид“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во „Жешко политичко лето“, одговарајќи на прашањето во врска со тоа дали Бугарија потајно посакува нашите автори да не творат за историјата.
МИА