Столтенберг за „ветото“ од Турција за Финска и Шведска: Не е невообичаено да има различни мислења во НАТО, седнуваме и ги решаваме

Не е невообичаено членките на НАТО да имаат различни мислења, но затоа Алијансата и има големо искуство со такви ситуации и наоѓање решение, изјави денеска генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, во врска со одбивањето на Турција да го поддржи членството на Финска и Шведска во НАТО.

„Не е невообичаено во НАТО да има различни мислења за важни одлуки. Кога има различни мислења, имаме големо искуство со тоа, седнуваме и наоѓаме решение“, изјави Столтенберг за новинарите за време на посетата на Копенхаген.

Столтенберг посочи дека НАТО е во близок контакт со Финска и Шведска, но и со Турција, и работат на нејзината загриженост, при што истакна дека верува во „брза одлука“ за прием на двете земји во алијансата.

Претседателот на Турција – Реџеп Тајип Ердоган, и денеска, за државната телевизија ТРТ, истакна дека оваа земја и натаму останува на ставот против членство на Финска и Шведска во НАТО.

„Им кажавме на лидерите на НАТО дека ќе кажеме не на апликациите на Финска и на Шведска. И тоа продолжува да биде наш став“, рече Ердоган, повторувајќи ги двете земји дека кријат, финансираат и снабдуваат „терористи“ со оружје, алудирајќи на милитантната Курдска работничка партија (ПКК) и сириската курдска милиција (ИПГ), за кои тврди дека се тесно поврзани.

И покрај тврдиот став на Анкара, НАТО сојузниците се уверени дека ќе се најде решение. Покрај Столтенберг, тоа денеска го истакна и британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој „верува дека постои начин да се реши загриженоста“ на Турција. Тој смета дека на крајот ќе се дојде до решение, но посочи дека е многу важно да се слушнат грижите на сите членки во процесот. „Ние секако ќе ја сослушаме Турција“, рече Валас во британскиот парламент.

Дека Шведска и Финска ќе „успеат да влезат во НАТО“ убеден е и германскиот канцелар Олаф Шолц, бидејќи, како што рече, „сите сакаат Шведска и Финска брзо да станат членки“ и верува дека ќе се дојде до заедничка одлука. При посетата на Холандија, тој потенцираше дека Германија прави сѐ што може тоа да се случи. Шолц уште еднаш повтори дека Германија ги поздравува кандидатурите на нордиските земји, додавајќи дека има впечаток дека и многу други земји го делат неговото мислење.

Уверување дека двете држави ќе бидат примени во Северноатлантската алијанса изрази и Вашингтон, каде денеска во Белата куќа американскиот претседател Џо Бајден оствари „историска средба“ со шведската премиерка Магдалена Андерсон и финскиот претседател Саули Нинисто. Претходно, од Белата куќа изјавија дека тројцата лидери ќе се „координираат за патот напред“ и ќе „споредат белешки“ околу потегот.

На заедничката прес-конференција, Бајден истакна дека „Шведска и Финска имаат силни демократски институции, силни армии и силни и транспарентни економии“, како и „силно морално чувство за тоа што е правилно“. Тие ги исполнуваат сите НАТО услови и повеќе од тоа, оцени американскиот претседател, ден откако изјави дека САД силно ги поддржува нивните барања за членство и дека тоа „дополнително ќе ја зајакне меѓусебната соработка и ќе донесе корист за целата Алијанса“.

На прес-конференцијата, Бајден повтори дека проширувањето на Алијансата не е закана за ниту една земја, бидејќи нејзината задача е дефанзивна, односно да се брани од агресија. Паралелно, повтори и дека САД ќе соработуваат со двете земји за да се спротивстават на било каква агресија на која можат да бидат изложени за време на пристапниот процес.

Андерсон и Нинисто, меѓу другото, посочија и дека е важно да се разговара со Турција и да се најде решение. И финската премиерка Сана Марин, во изјава за денешното издание на „Кориере дела сера“, подвлече дека „сега е важно да се биде смирен“ и да имаат дискусии со Турција за да одговорат на сите нејзини прашања што можат да произлезат од процесот и, конечно, „да го поправат секое несогласување“.

- Реклама -