Научниците од прочуениот Институт за технологија на Масачусетс (MIT) создадоа и успешно го обавија првиот лет на „научно-фантастичниот авион“ (како што го нарекува BBC) без подвижни делови и класичен мотор. Леталото со тежина од 2.4 килограми успешно прелета растојание од 60 метри, со брзина од 17 км/ч. Летот бил повторен десет пати.
Ова летало користи таканаречен електроаеродинамичен погон, кој е далеку потивок и поеколошки од останатите видови погони и воопшто не зависи од фосилни горива, што значи дека воопшто не загадува. „Авионот е целосно електричен. Нема ротирачки пропелери или елиси, нема плински турбини, не испушта јаглероден моноксид, ниту CО2. Речиси е целосно безшумен“, вели Стивен Барет – еден од мозоците меѓу тимот креатори.
„Како дете многу ја сакав серијата Star Trek и бев доста воодушевен од леталата во серијата кои прелетуваа без иритирачката гласна бучава, евентуално оставајќи само синкаст млаз зад нив. Тоа ме инспирираше да размислувам во насока на тоа кој дел од познатата физика би овозможил нешто слично“, вели Барет, кој е воедно и професор на отсекот за аеронаутика и астронаутика на MIT.
Решението на Барет е споменатиот електроаеродинамичен погон, или уште попрецизно – „јонски ветер“. Имено, авионот користи висока волтажа за да генерира моќно електрично поле. Се создаваат наелектризирани честици – јони, кои се забрзуваат во електричното поле. Овие јони се судруваат со неутралните молекули на воздухот, така создавајќи триење, т.е. погонска сила. Погледнете го видеото и ќе ви стане појасно:
Засега не е јасно дали оваа технологија ќе биде применлива за погон на комерцијални летови и летала што пренесуваат луѓе. Во секој случај, во тој правец би започнале со комбиниран погон од класични мотори и „моторите“ на јонски погон. Но дури и да не може да се искористи кај патничките авиони, вели Барет, секако ќе може да се искористи во дроновите и нешто поголемите беспилотни летала. А за едно 10-20 години, кога во општеството масовно ќе бидат вклучени дроновите, ваков тип на погон може да ни биде и те како добредојден.