Постои една Академија на науките и уметностите и тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера во Тетово беше објавено дека четири општини, со кои раководат кадри од „Вреди“ ќе го финансираат работењето на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.
Мицкоски не очекува ваквиот потег на „Вреди“ да влијае негативно на владината коалиција.
– Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национали теми не се мој приоритет, рече Мицкоски.
Вели дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена.
– Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам д бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема. Жалам што избираат вакви теми за политички поени, но како претседател на Владата останувам посветен да работам за доброто на граѓаните без разлика на етничката припадност, подвлече Мицкоски.
Околу ова прашање денеска се огласија и од ДУИ.
– Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство, изјави денеска Фатон Ахмети од ДУИ.
Вчера во Тетово, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино имаа средба со претставници на ова здружение и најавија дека ќе го финанираат работењето на ова здружение.