Славески за критиките на СДСМ: За да можат нашите претставници да бидат продуктивни, некогаш неопходно е да патуваат со бизнис класа

Доколку сакаме нашите функционери да остварат максимум од секое патување надвор со прекуокеански лет ќе мора да се согласиме дека за тоа треба да им се обезбедат одредени погодности за време на службените патувања. Сето друго е гол популизам, напиша денеска на платформата X претседателот на Советот на Град Скопје и поранешен министер за финансии Трајко Славески.

Тој реагира на информациите кои доаѓаат од СДСМ дека за премиерот и тројцата министри кои патуваа во Вашингтон користеле бизнис класа.

-Опозициската СДСМ протестира зошто премиерот и неколку владини министри на неодамнешното патување во САД со авион користеле бизнис класа. Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија. Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поефтино за македонските даночни обврзници. Сигурно во Владата, од некој претходен состав, постои правилник со кој е уредено кој може да користи бизнис класа при патување со авион, и под кои услови. Тоа од СДСМ не го кажуваат. Многу е веројатно, а така било и во минатото, високи владини функционери да може да патуваат со бизнис класа на прекуокеанските летови, пишува Славески.

Престојот, продолжува тој, конкретно во САД, каде што покрај институциите на американската влада се наоѓаат седиштата на ООН, Светска банка, ММФ и други значајни меѓународни институции, според однапред утврден план и насочен кон постигнување одредена цел од интерес за државата, вообичаено трае неколку дена.

-Не се тоа туристички патувања, затоа што обврските дома постојано притискаат. Вообичаено, за САД се лета од некој од поголемите западноевропски аеродроми, или од Истанбул. Се пристигнува истиот ден меѓу 15:00 и 16:00 часот, по локално време на источниот брег – Њујорк или Вашингтон, што значи доцна навечер околу 22:00 часот по централноевропско (наше) време. По правило, првите средби, состаноци, конференции и сл. се закажани непосредно по слетувањето во периодот 17:00-18:00 часот по локално време. Од аеродромите Кенеди, Далс или Њуарк се оди директно на состанок. За да можат нашите претставници да бидат продуктивни уште од првиот ден по пристигнувањето на крајната дестинација, неопходно е да патуваат со бизнис класа. Впрочем, овој оддел во авионите, каде што навистина се плаќа два до три пати повисока цена од “економи” класата, е наменет токму за таков тип на клиентела која во ограничен временски период треба да оствари амбициозна агенда, во интерес на некоја компанија или државен интерес, наведува Славески.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Погодностите сврзани со приоритет при чекирање и влегување во авион, можноста за засолнување од гужвите по аеродромите во посебни простории (салони) додека се чека за влегување во авионот, а најмногу колку-толку заштитата од постојан плач на деца за време на летот, според него, се вредни за цената што се плаќа.

-Дополнително, за време на летот може нешто и да се сработи, вклучително и подготовки за предвидените настани. Се разбира, доколку сакаме нашите функционери да остварат максимум од секое патување надвор со прекуокеански лет ќе мора да се согласиме дека за тоа треба да им се обезбедат одредени погодности за време на службените патувања. Сето друго е гол популизам!, наведува Славески.

СДСМ реагира дека патувањето со бизнис класа се платени близу 20.000 евра.

– Расипништвото на Мицкоски и министрите на ВМРО-ДПМНЕ се случува на големо и се крие од граѓаните, што е најрасипана форма на лицемерие. Кога треба да се покачи минимална плата за работниците Мицкоски и министрите на ДПМНЕ во Владата велат нема пари. Е ама кога треба Мицкоски и министрите да патуваат, тогаш гледаме луксузирања, скапи карти од речиси 20.000 евра, бизнис класи, бројни делегации па дури и прибирање на членови од семејствата, се наведува во соопштението од СДСМ.

- Реклама -