Силјановска Давкова: Во Македонија дискриминирани се оние кои плаќаат струја

„Се работи за тн. оставки или симулација на оставки, бидејќи Уставот е јасен – секој министер може да поднесе оставка и преку премиерот истата се доставува до претседателот на Собранието, а тој веднаш ѝ ги доставува до пратениците и на следната седница се констатираат оставките“, оцени професорката Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување на „Вести плус“ на ТВ „Канал 5“, коментирајќи ги условните повлекувања на министрите од ДУИ од функциите, кои ќе се ефектуираат само ако опозицијата гласа за промена на Уставот. Според Силјановска, ваквиот чекор на ДУИ е само „политички маневар“.

За евентуалните нови барања од Бугарија и по евентуалната промена на Уставот, Силјановска смета дека Софија во билатералните протоколи и заедничката историска комисија ќе најде, како што вели, „непресушен извор“ на барања.

„Преговорите во рамки на тн. историска комисија се непресушен извор на барања. Истото е и во рамки на поглавјата, бидејќи во протоколите ќе дојде израз договореното или не договореното. Значи господар на прстените е Бугарија“, оцени Силјановска.

За промена на Уставот, вели, прво ќе се прашаат граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, според неа, ги претставува токму нив.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

„Јасно е дека ги претставуваме граѓаните, на изборите ќе побараме да кажат што мислат за овие уставни измени“, рече професорката.

Таа истакна дека Уставот гарантира права на сите и без преамбулата, односно дека не е неопходно Бугарите да се впишат во преамбулата за да им бидат гарантирани правата, како што, на пример, тврди Софија.

„Во сите устави има ‘други’ во смисла на народи, и кај нас во Уставот има дел кој вели ‘и правата на други’ и тука се сите, и правата им се заштитени со член 48 и амандман 8 од Уставот“, подвлече Силјановска.

Според неа, во Македонија воопшто и не треба да се зборува за дискриминација по етничка основа, бидејќи ја нема.

„Дискриминирани се оние кои плаќаат или не плаќаат струја. Во Македонија се дикриминирани граѓаните како поединци. Крајно време е да го ставиме акцентот на стручност и компетентност и сите ќе останат тука, никој нема да си оди од Македонија“, смета таа, потенцирајќи дека на Македонија ѝ е најважно и најпотребно владеењето на правото.

- Реклама -