Секретарката за финансии на САД: Санкциите кон Русија ќе имаат глобални последици

Вашингтон, 17 февруари 2022 (МИА) – Доколку Русија се казни со координирани санкции, при сценарио со напад врз Украина, тоа ќе предизвика тешкотии и во други земји, изјави американската секретарка за финансии Џенет Јелен. Таа нагласи дека САД се обидува да ја заштити Европа од „прекумерното“ влијание.

Ако казните се изречат, „се разбира, сакаме најмногу да ја погодат Русија“, додаде таа. „Но, признаваме дека санкциите ќе имаат глобални последици“, истакна Јелен во интервју за АФП, пренесува Хина.

Таа потсети на предупредувањето на претседателот Џо Бајден, кој во вторникот нагласи дека ескалацијата на конфликтот нема да биде „безболна“ ниту за Американците.

Јелен појасни дека Министерството за финансии, во соработка со европските сојузници, подготвува пакет финансиски санкции. Тие, како што истакна таа, може да бидат изречени за некои руски „поединци или компании“ и „сигурно би вклучувале контрола на извозот“.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Пакетот вклучува „обемни“ санкции „кои ќе имаат тешки последици по руската економија“, нагласи министерката.

Јелен призна дека има и такви кои стравуваат „од потенцијално влијание врз енергетските пазари, со оглед на тоа што Русија игра важна улога во снабдувањето на светските пазари со нафта и Европа со природен гас“.

Претставници на Европската унија вчера изјавија дека осигурале алтернативни извори на природен гас. Тие, како што беше кажано, можат да се справат со намаленото снабдување од Русија.

- Реклама -