СДСМ: Пресуда по пресуда се потврдуваат сите индиции за сторени тешки криминали објавени преку проектот „Вистината за Македонија“

Денешната судска пресуда за предметот „ТНТ“ за одмазничкото рушење на „Космос“ уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија со тапија, велат од СДСМ откако на затворски казни беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски –  Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба – Тони Трајковски. Како што велат од владејачката партија, осудените се „веќе докажани криминалци и повеќекратни осуденици“.

„Пресуда по пресуда се потврдуваат сите индиции за сторени тешки криминали кои беа објавени преку проектот ‘Вистината за Македонија’, се потврдија наводите дека Никола Груевски е инспираторот на најголем дел од кривичните дела, а Миле Јанакиески негов најревносен извршител“, велат од СДСМ.

Од владејачката партија ги повторија обвинувањата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, е продолжена рака на Груевски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Тоа е истиот Груевски кому Мицкоски отпрвин му беше советник за енергетика, а потоа и генерален секретар на партијата, истиот Груевски кој Мицкоски го инсталираше во фотелјата во Белиот дворец. Затоа Мицкоски до ден денес ниту го има осудено криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту се извинил. Напротив, тој со сета сила ги брани криминалците во своите редови. Мицкоски денес во белиот дворец е опкружен со луѓе од режимот, со личности против кои се водат судски процеси, а партијата му ја раководи Груевски од Будимпешта“, се вели во соопштението на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ денес е истата непроменета криминално-режимска партија која работи против интересите на граѓаните и државата“, додаваат од „Бихаќка“.

- Реклама -