СДСМ: ДУИ покажа одговорност, сите услови се исполнети, на потег е Мицкоски

„Сите министри во Влада од редовите на ДУИ поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, кои ќе се ефектуираат веднаш откакако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за усвојување на уставните измени.

Ставајќи го државниот пред партискиот интерес ДУИ покажа одговорност кон врвната стратешка цел, европската иднина на земјата и сите наши граѓани“, велат од СДСМ по денешниот потег на коалициониот партнер.

„Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ“, велат од владејачката партија, иако главниот услов на ВМРО-ДПМНЕ, тој за поддршка на уставните измени, беше истите да почнат да важат од денот на членство на земјава во ЕУ.

Од СДСМ, сепак, инсистираат дека на потег е лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

„Големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност. На потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во Белата палата“, порачуваат од партијата.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

„Членството во ЕУ е врвна стратешка цел, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи. Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина. Со глас за Европа во македонското Собрание Мицкоски и ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, наместо да ја одвојуваат македонската од европската агенда, да ја поддржат.

Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. Мицкоски мора да донесе одлука и да преземе одговорност, глас за ЕУ или изолација“, се вели во соопштението на СДСМ.

- Реклама -