Самит ЕУ – Западен Балкан: ЕИБ најави поддршка за регионот за енергетската криза

Потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, на самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржа денеска во Тирана, вети помош за краткотрајните потреби на регионот што произлегоа од руската војна во Украина од ЕИБ Глобално, посветената гранка на банката фокусирана на операциите надвор од ЕУ.

Оваа поддршка, како што информираат од ЕИБ, ќе се материјализира преку нови проекти што ЕИБ Глобално планира да ги финансира во регионот за употреба на чиста енергија, проширување на електричните мрежи и инфраструктурата за складирање, како и поддршка на приватниот сектор за имплементација на енергетски ефикасни мерки. Таа потврди дека банката е целосно усогласена со пакетот за енергетска поддршка од една милијарда евра што го објави Европската комисија и има намера да одигра клучна улога во неговата имплементација.

„Среќни сме што гледаме дека пакетот содржи помош за поддршка на подобрувањето на политичката, законодавната и институционалната рамка за енергетскиот сектор. Подобрувањата во овие области ќе имаат позитивно влијание врз брзината со која ЕИБ Глобално и нашите локални партнери ќе можат да реализираат инвестиции во инфраструктурата или да обезбедат финансирање на приватниот сектор“, изјави потпретседателката Павлова.

Покрај поддршката на енергетското поле, банката на ЕУ ќе ја интензивира својата сеопфатна мешавина на заеми, комбинирањето на средствата и советодавните услуги и ќе распореди повеќе експерти на терен за поддршка на секторите за поврзување, зелена и дигитална транзиција, образование и здравствена заштита. Промовирањето на растот, дигитализацијата и декарбонизацијата на приватниот сектор исто така ќе биде во фокусот на банката.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Од ЕИБ, исто такја информираат, дека во тој поглед, Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) подружница на групацијата ЕИБ, ја стартуваше Гаранцијата за отпорност на мали и средни претпријатија на Фондот за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан (ЕДИФ), којашто е насочена да реагира на економската криза со зголемување на пристапот до финансии за околу 4000 мали и средни претпријатија во регионот.

Потпретседателката, исто така, ги посочи грантовите на ЕУ неодамна одобрени од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

„Овие грантови, исто така, ни помагаат да продолжиме со важни проекти за поврзување во железницата во Северна Македонија и Србија, како и инвестиции во образовниот сектор во Црна Гора. Овде, во Албанија, во тек е подготвителна работа што ќе придонесе за трансформација на Тирана во зелен и одржлив град и со нетрпение очекуваме да работиме со владата, Европската комисија и нашите колеги во ЕБОР на важни железнички инвестиции“, заклучи потпретседателката Павлова.

Како што веќе беше најавено, ЕИБ Глобално работи и на развој на нови проекти за обновлива енергија – соларна централа во Косово и ветерници во Босна и Херцеговина. Банката активно ќе му помага на приватниот сектор да финансира мерки за енергетска ефикасност и инвестиции за забрзување на зелената транзиција.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ.

МИА

- Реклама -