САД и со официјален став: Руските сили извршиле воени злосторства во Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска и официјално ја изнесе позицијата на САД дека руските сили во Украина извршуваат воени злосторства и дека е потребно формирање на суд што ќе ја утврди одговорноста и ќе ги процесуира овие злосторства.

„Врз основа на расположливи информации, денеска можам да објавам дека американската Влада оценува дека припадници на руските сили извршиле воени злосторства во Украина“, изјави Блинкен.

Тој изјави дека забележани се безброј кредибилни извештаи за неселективни напади што намерно целат на цивили, како и други ѕверства.

„Руските сили уништуваат станбени згради, училишта, болници, критична инфраструктура, цивилни возила, шопинг центри и амбуланти, со што илјадници невини цивили се убиени или ранети“, истакна Блинкен.

Во соопштението од Стејт Департментот се наведува и дека многу од локациите погодени од руските напади биле јасно означени како места каде има цивили.

„Ова го вклучува породилиштето во Мариупол, како што високиот комесар на ОН за човекови права истакна во својот извештај од 11 март. Исто така вклучува напад на театарот во Мариупол, јасно означен со зборот ‘дети’, на руски ‘деца’, со големи букви, видливи од голема височина“.

Прочитајте и:  Милер: Русија е таа што ескалира, политиката на САД за употреба на американското оружје од Украина не е променета

САД додаваат дека силите на Путин користеле исти тактики и во Грозни, Чеченија и Алепо (Сирија), каде, како што велат, „го интензивирале бомбардирањето за да ја скршат волјата на народот“.

„Нивниот обид да го направт истото во Украина го шокира светот, и како што се изрази претседателот Зеленски, ‘го натопија народот на Украина со крв и солзи’ “, стои во соопштението.

Според Стејт департментот, заклучно со 22 март, само во Мариупол загинале 2.400 цивили. Според Обединетите нации, во Украина, не вклучувајќи го Мариупол, досега загинале 2.500 цивили, но сметаат дека бројката сигурно е поголема.

Како што рече Блинкен, оценката дека Русија извршила воени злосторства е заснована на внимателен преглед на достапните информации од јавноста и од разузнавачки извори.

Во соопштението, САД повикуваат на создавање на суд со јурисдикција за овие злосторства што ќе биде одговорен во утврдувањето на криминалната вина на поединци во врска со злосторствата во Украина.

„САД продолжуваат да ги следат злосторствата извршени во земјата и ќе ги споделуваат сите информации со сојзиците и партнерите за ова“, се додава во соопштението.

Извор: МИА

- Реклама -