САД и НАТО не гледаат никакво повлекување на руските сили, туку обратното

Вашингтон, 16 февруари 2022 (МИА) – САД и НАТО соопштија денеска дека Русија сѐ уште има војници долж границата со Украина и покрај најавата на Москва дека се повлекува, со што се доведува во прашање наведената желба на рускиот претседател Владимир Путин да преговара за решавање на кризата.

Во Украина, каде што луѓето ја пееја националната химна за да покажат единство против стравот од инвазија, Владата соопшти дека кибер нападот што го погоди Министерството за одбрана е најголемиот од тој вид што земјата го претрпела.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили се повлекуваат по маневрите во јужните и западните воени области во близина на Украина – дел од огромното зајакнување кое беше придружено со барања за опсежни безбедносни гаранции од Вашингтон и НАТО.

Тие објавија видео на кое се прикажани тенкови, пешадиски борбени возила и артилериски единици како го напуштаат полуостровот Крим.

Сепак, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека клучните руски единици се движеле кон границата, а не од границата.

„Тоа е она што го вели Русија. А, потоа е она што го прави Русија. И ние не видовме никакво повлекување на нејзините сили. Продолжуваме да гледаме како критичните единици се движат кон границата, а не се оддалечуваат од границата“, истакна Блинкен во интервју за МСНБЦ.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Висок претставник на западното разузнавање нагласи дека ризикот од руска агресија врз Украина ќе остане висок до крајот на февруари и Русија се уште би можела да ја нападне Украина „во суштина или речиси без предупредување“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг додаде дека движењето на војниците и тенковите „напред-назад“ не е доказ за повлекување.

„Не видовме никакво повлекување на руските сили. И, се разбира, тоа е спротивно на пораката за дипломатските напори“, изјави Столтенберг пред состанокот на Алијансата во Брисел, додавајќи дека „она што го гледаме е зголемување на бројот на војници, а голем број трупи се на пат. Значи, засега нема деескалација“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го искористи обраќањето за „Денот на единството“ и истакна дека Украина не стравува од евентуална руска инвазија, ветувајќи дека неговата земја ќе возврати.

„Ние не се плашиме од прогнози, не се плашиме од никого, од какви било непријатели. Ќе се браниме“, нагласи Зеленски на настан организиран од армијата во источниот пристаништен град Мариупол.

- Реклама -