Рускиот амбасадор во Белград: Србија сѐ повеќе разбира дека е неопходно поактивно да се спротивстави на западниот притисок

Белград, 6 јуни 2022 (МИА) – Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан Харченко, изјави дека воведувањето санкции кон Русија може да ѝ наштети на српската економија и на социјалната сфера, јави дописникот на МИА од Белград.

„Економијата на Србија е многу поврзана во позитивна смисла со Русија. Сите разбираат дека антируските санкции ќе доведат до значителна штета на економијата и социјалната сфера“, изјави Боцан Харченко во интервју за весникот „Известија“.

Наведувајќи ги причините поради кои смета дека Белград нема да воведе санкции кон Русија, амбасадорот го кажа официјалниот став на српскиот претседател Александар Вучиќ, впечатокот од личните контакти со него и мислењето на апсолутното мнозинство српски граѓани.

На прашањето каков е системот на меѓусебни плаќања со Србија, тој изјави дека Србија е пријателска земја и затоа начинот на плаќање останува ист.

„Истовремено, во нашата трговија како целина, поставена е задача да се префрлиме на плаќања во национални валути и таа постепено ќе се решава“, додаде Боцан Харченко.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

Тој рече дека статусот на Србија како кандидат за членство во ЕУ „апсолутно не е пречка за развојот на билатералните односи“, доколку Белград ја спроведува политиката што ја води сега.

„Истовремено, во Србија има сѐ поголемо разбирање дека е неопходно поактивно да се спротивстави на западниот притисок не само во економската сфера, туку и во политичките и меѓународните работи, на меѓународните платформи“, рече рускиот амбасадор.

Боцан Харченко денеска се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и формално го информира за причините што го спречиле доаѓањето на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров во Белград. Лавров денеска требаше да престојува во дводневна посета на Србија.

- Реклама -