Руската фабрика за сладоледи – „Славица“, одлучи ова лето да ги разлади односите помеѓу Москва и вашингтон со сладолед инспириран од американскиот претседател Обама. Наречен е „Обамка“, со импликативно значење слично на „малиот Обама“.
На амбалажата има цртеж со насмеано мало Африканче, со обетка на увото и сладолед во раката.
Заради припојувањето на Крим и воената интервенција во Сирија, односите на Русија и САД се на најниско ниво од Студената војна па наваму, а руските државни медиуми и антиамериканските активисти често упатуваат шеги на сметка на Обама, шеги кои американските државници ги карактеризираат како расистички и навредливи.
Ама од фабриката за сладолед се правдаат. Наводно, според нив, ликот на „Обамка“ е инспириран од еден советски филм и е дел од серијата сладоледи со разни вкусови и бои, кои ќе имаат за цел да ги научат децата на основните раси.
„Името на сладоледот треба лесно да се памти. Сите тие кои имаат бујна фантазија, можат да имаат различни асоцијации, ама овој производ е наменет за децата и е далеку од политика“.
Секој паметен ќе помисли дека ова е сосема фер објаснување и дека не е нужно „Обамка“ да е поврзан со Обама. Ама… Фабриката „Славица“ се наоѓа во сибирскиот град Краснојарск, кој минатиот месец се најде на жешките страници во јавноста заради отварањето на кафуле посветено на Владимир Путин, кафуле во кое (според Ројтерс) гостите користат тоалетна хартија со ликот на Обама. Баш незгодна случајност.