Русин против пајак служба: „Е нема да ја однесете, и точка!“ (ВИДЕО)

Сопственик кој е лут и се расправа затоа што пајак му го кренал возилото е сосема честа и разбирлива глетка, но обично „уловените“ се свесни дека штом еднаш возилото е качено, битката е веќе загубена. Во ретки случаи, ако имате многу среќа или сте функционер во владејачка партија во Македонија, можете и да издејствувате прошка и да ги убедите работниците на пајак службата да го спуштат возилото.

Овој возач од Русија не е функционер и случкава не е кај Мавровка, но сепак решил дека не, нема да му го земат возилото, по никоја цена.

Непознат е целосниот контекст на ситуацијата, но како што пренесува Autonews.ru, полицијата наложила кревање на автомобилот откако возачот бил запрен пред московскиот аеродром и било утврдено дека тој не е сопственик. Иако во меѓувреме официјалниот сопственик потврдил преку телефон дека тукушто му го продал автомобилот и сé уште не се средени документите, одлуката била Kia-та сепак да биде крената и однесена.

Тогаш возачот ги изгубил нервите, па решил „насилно“ да го симне автомобилот. Разумните тоа не би го направиле од повеќе причини; прво, што штетата ќе чини многу повеќе од казната, второ – што не е безбедно и можете некого да повредите, трето – што веројатно ќе заработите и дополнителна прекршочна пријава.

Околу првото, возачов за Autonews.ru изјавил дека е автомеханичар со свој сервис и дека го има потребното знаење за да го поправи автомобилот, додавајќи дека штетата е минимална. Околу второто, вели дека проценил дека ситуацијата не била опасна за никој од инволвираните. Околу третото нема детали.

Сепак, од видеото станува појасно дека ова се пред сé изговори. Нека служи како потсетник дека со инат и гнев во ваква ситуација губитникот е само еден.

- Реклама -