Русија предлага меѓународна средба за израелско-палестинскиот конфликт

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров денеска предложи да се одржи меѓународна конференција на претставници на светските сили и арапските земји, со цел да се реши израелско-палестинскиот конфликт.

„Единствениот начин да се реши овој проблем засекогаш и на фер начин е да се одржи меѓународна конференција со сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН“, изјави Лавров пред пратениците во Думата.

Тој исто така рече дека на таа конференција треба да учествуваат земјите членки на Арапската лига, Организацијата за исламска соработка и Советот за соработка во Персискиот залив.

Сепак, остана нејасно дали Лавров смета дека треба да учествува и Израел, наведуваат израелските медиуми.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Тој оцени дека „продолжувањето на неправдата кон палестинскиот народ, кому му беше ветено создавање палестинска држава, поттикнува многу сериозни терористички и екстремистички чувства“.

Лавров, исто така, го обвини Израел дека ги срамнува со земја станбените области на Газа, а ситуацијата на таа палестинска територија ја нарече страшна. Тој изрази сомневање за израелските тврдења за бројот на убиени цивили.

МИА

- Реклама -