Русија ја регистрираше првата вакцина за Ковид-19 во светот, Путин вели дека ќерка му веќе се вакцинирала

Русија денеска и официјално ја регистрираше првата вакцина против Ковид-19 во светот, прогласувајќи ја безбедна за употреба. Наспроти меѓународниот скептицизам, рускиот претседател Владимир Путин рече дека вакцината веќе ја примила една од неговите ќерки, без да прецизира која.

Путин истакна дека вакцината ги поминала потребните тестови и се докажала ефикасна, односно дека нуди траен имунитет на коронавирусот. Од друга страна, руски и странски научници предупредуваат дека брзањето да се почне со нејзина употреба пред да завршат испитувањата од третата фаза – кои обично траат со месеци и вклучуваат илјадници луѓе – може да има негативни последици.

Меѓутоа, обраќајќи се на денешната владина седница, Путин инсистира дека вакцината поминала соодветно тестирање и е безбедна:

„Би сакал да потворам дека ги помина сите потребни тестирања. Најважно е да се осигура целосната безбедност во употребата на вакцината и нејзината ефикасност“, рече тој.

Тој соопшти и дека една од неговите две возрасни ќерки добила две дози од вакцината и била дел од експериментирањата. Според Путин, дента кога ја примила првата доза, ќерка му качила температура од 38 степени, која следниот ден се снижила на нешто над 37 степени. По втората доза, таа исто така имала благо покачена температура, но после тоа, како што вели рускиот претседател, „сѐ било завршено“.

„Се чувствува добро и има висок број на антитела“, додаде Путин, без да открие дали Марија или Катерина ја примила вакцината.

Како што соопштија руските власти, први ќе бидат вакцинирани медицинските работници, наставниците и другите ризични групи. Вицепремиерката Татјана Голикова најави дека вакцинацијата на докторите може да започне уште во текот на месецов.

Руското Министерство за здравство, преку соопштение, изјави дека се очекува вакцината да пружа заштита во период до 2 години.

Путин истакна и дека вакцинацијата ќе биде доброволна.

Според надлежните, масовното производство на вакцината ќе започне во септември, а масовната имузација може да започне веќе во октомври.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

МЕЃУНАРОДЕН СКЕПТИЦИЗАМ

Кога пандемијата ја зафати Русија, Путин им нареди на надлежните да го скратат времето за клинички испитувања за потенцијалната вакцина за коронавирусот SARS-CoV-2.

Да стане прва земја во светот што ќе развие вакцина беше прашање на национален престиж за Кремљ, согласно обидите да наметне имиџ на Русија како глобална сила, пишува Politico. Државните телевизии и медиуми постојано ги фалеа научниците кои работеа на вакцината, притоа туркајќи го наративот дека другите имаат на што да бидат љубоморни.

Во мај, професорот Александар Гинтсбург – директор на Институтот Гамалеја, кој ја разви вакцината, изненади со изјава дека тој и другите истражувачи ја пробале вакцината сами на себе.

Испитувањата врз луѓе почнаа на 17 јуни, меѓу 76 волонтери. Половина добија вакцина во течна форма, додека другата половина добија доза во растворлив прав. Дел од оние во првата половина беа регрутирани од Армијата, што покрена стравови дека биле под притисок да учествуваат.

Додека Русија брзаше да биде првата што ќе создаде вакцина, САД, Велика Британија и Канада минатиот месец ја обвинија дека користи хакери за да украде сознанија за вакцините што ги развиваат западните лаборатории.

Дел од експертите ги сметаат за смешни уверувањата дека вакцината е безбедна и ефикасна, односно дека го предизвикува посакуваниот имунитетски одговор без несакани ефекти, потенцирајќи дека таквите тврдења треба да се поткрепени со научно објавени податоци и сознанија.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно предупреди дека сите потенцијални вакцини треба да поминат низ сите целосни фази на тестирање, пред да бидат ставени во употреба. Експертите предупредија дека несоодветно тестирани вакцини можат да предизвикаат сериозна штета од повеќе аспекти – од негативен импакт врз здравјето, преку создавање на лажна атмосфера на безбедност (од вирусот), па до поткопување на довербата во вакцините.

- Реклама -