
Рено очигледно не завршиле со оживувањето на своите поранешни икони. По сериските модели рено 4 и рено 5, францускиот производител претстави нов концепт инспириран од рено 8 Гордини од 1960-тите.
Модерната интерпретација на класичната рели лимузина сега е купе со две седишта со целосно електричен погон и дизајн силно инспириран од минатото. За жал, Рено немаат намера да го произведуваат, иако некои од неговите дизајнерски елементи би можеле да влијаат на идни модели.
Оригиналниот рено 8 Гордини беше претставен во 1964 година како спортска верзија на семејниот седан со мотор одзади и погон на задните тркала, создаден за планинските патишта со свиоци.
Популарниот „Ла Горд“ доби помоќен мотор со речиси двојно поголема моќност од моделот на кој беше заснован, спуштена суспензија, помоќни сопирачки, четири или шест фарови и препознатлива сина боја со бели тркачки ленти.
Новиот концепт рено 8 Гордини се обидува да го донесе духот на оригиналниот модел во модерното време. Изгледа како еден вид обратен рестомод, со многу ниска и широка силуета.
Купето е долго 4,12 метри, широко 1,88 метри и високо само 1,27 метри, а е поставено на 19-инчни бандажи напред и број поголеми назад.
На предниот дел доминираат шест тркалезни ЛЕД светла поставени на носот во форма на V, без класичната решетка на ладилникот. Задните светла се вклопуваат целосно со каросеријата и практично исчезнуваат кога не се вклучени.
Има и големи отвори во спортските браници, сплитер во боја на каросеријата, широки и аголни браници, аеродинамични држачи на Ц-столбовите, спојлер на покривот, вентилациска решетка на задниот дел и голем дифузер.
Секако, автомобилот е обоен во препознатливата сина боја со бели ленти кои се протегаат по должината на каросеријата од карбонски влакна.
Внатрешноста е можеби уште поинтересна. Рено се одлучиле за минимализам и прават големо отстапување од денешниот тренд на огромни екрани.
На нивно место на лентата од брусен алуминиум на контролната табла има шест тркалезни инструменти со дебели рамки.
Кабината има и детали од алкантара, алуминиумска централна конзола со физички прекинувачи и две спортски седишта покриени со црно и сино кадифе.
Рено открива дека дизајнерите биле толку заинтересирани за проектот што изработиле повеќе од 300 скици.
Александре Малвал, потпретседател на Рено задолжен за дизајн, кажа дека целта е да се „евоцира емоции со истовремено потпирање на нашето наследство и модерното време и поврзување на иконите од минатото со иднината“.
Од Рено не откриваат многу технички детали за платформата на концептот.
Се знае само дека е напојуван од електричен мотор од 270 коњски сили, а моќноста се пренесува на задните тркала.
Колку и да изгледа новиот Р8 Гордини спремен за возење, Рено јасно ставаат до знаење дека станува збор за уникатен концепт кој нема да прерасне во сериски модел.
Проектот на тој начин се приклучува на други модерни омажи на минатото на Рено, како што се електричниот концепт Р17, создаден во соработка со дизајнерот Ора-Ита, и уметничкиот рено 5 дијамант.
Новиот концепт рено 8 Гордини беше прикажан јавно за прв пат на настанот Рено карвок на 24 септември, а ќе биде изложен на Саемот за автомобили во Париз следниот месец. Потоа треба да заврши во новиот музеј Рено колекции во Флин, кој треба да ги отвори своите врати за јавноста за околу 15 месеци.



