Радев за спорот со Македонија: Крајно несоодветно и нездраво е да ѝ се поставуваат некакви ултиматуми на Бугарија

Крајно несоодветно и нездраво е да се зборува за Бугарија и да ѝ се поставуваат некакви ултиматуми, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, по положувањето венец на Споменикот на непознатиот војник во Софија по повод Денот на победата на фашизмот.

Вака Радев одговори на новинарско прашање за изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи – дека јуни ќе биде последната шанса за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, пренесува БТА.

Во тој контекст, Радев посочи дека притисокот врз Бугарија претходно бил уште поголем.

„Јас и владата одолеавме на тој притисок за време на два последователни Совети за проширување. Тој притисок може да се издржи ако има јасни позиции и тие ги одразуваат не само бугарскиот интерес, туку и вистината“, рече бугарскиот претседател.

Тој посочи дека Бугарија ги покажала основите и многу добро ги објаснила нејзините позиции, кои сега, според него, се прифаќаат. Оттаму, Бугарија само треба да опстои на своите позиции.

Радев „потсети“ дека спорот се однесува, според него, на прекршување на човековите права, прекршување на Копенхашките критериуми и говор на омразата кои, како што рече, се неспоиви со европските принципи и вредности.

- Реклама -