Радев: Очекувам РСМ да ги исполни сите свои обврски кон нас и ЕУ и конечно да се решат отворените прашања

„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија“, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на Бугарија.

Според Радев, Владата на земјава сè уште не ја напуштила изборната реторика.

-Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, изјави Радев.

Според него, ангажманот на македонската влада во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на земјава и за поголема поврзаност во регионот.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска Давкова ќе остане како доследна политика на владата на Северна Македонија. Ние строго ќе го следиме протоколот. Време е и за мојата официјална посета на Република Северна Македонија“, посочи Радев.

На прашање дали веќе има таква покана, Радев одговори дека за тоа прашање ќе се разговара на средбата.

- Реклама -