Радев: Ја убедив владата на Бугарија да не дава безусловна поддршка, ние имаме право да си ги бараме правата

Република Северна Македонија треба самата да реши дали ќе продолжи по патот на идеологиите и омразата од минатото, или ќе тргне кон демократска иднина. Бугарија мора да ги одбрани својата историја, јазик и идентитет, изјави бугарскиот претседател Румен Радев денеска за БНТ.

„Никој друг освен нас не може тоа да го направи. Јас сум убеден дека работејќи кооперативно и отворено со нашите соседи и браќа, ќе го најдеме правото решение. Но бидејќи Договорот за добрососедство не нѐ води кон него, ние имаме право да си ги бараме правата“, вели Радев.

Како што истакна, за него е важно што ја убедил бугарската влада дека Бугарија не смее да даде безусловна поддршка. Притоа, тој потсети дека свика консултативен состанок на кој беше постигната согласност дека треба да има национална рамка по ова прашање, која ќе го брани националниот интерес на Бугарија. Бугарија мора да ги одбрани своето културно наследство и идентитет, подвлекува Радев.

Тој оценува дека е сомнителе молкот на бугарската влада, која, како што оценува, нема јасно изразени механизми со кои ќе ја постигне својата позиција. Таа позиција е во линија со настојувањето на Радев во самата преговарачка рамка на ЕУ со Македонија, во посебно поглавје – поглавје 35, да бидат вметнати сите „критериуми“, односно услови на Бугарија.

„Тогаш нивното исполнување ќе стане ангажман не само за Бугарија, туку и за сите земји-членки на ЕУ… Треба да има поглавје за добрососедство, се надевам дека ќе се избориме. Другата опција е анекс и нов договор“, порача бугарскиот претседател, пренсесува БГНЕС.

Инаку, вчера, на вонредна онлајн седница, владата на Бугарија го утврди ставот на официјална Софија за преговарачките рамки за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ, што треба да бидат разгледани на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември.

„Бугарија е меѓу најсилните застапници на процесот на проширување на Европската унија. Нашата земја ја крена темата високо на агендата на ЕУ за време на нејзиното претседателство со Европскиот совет во 2018 година. Европската перспектива е најсилната мотивација за транзиција кон демократско владеење и пазарна економија на Западен Балкан“, се вели во соопштението од прес-службата на бугарската влада, во кое не се наведуваат дополнителни детали.

 

- Реклама -