Односите меѓу Русија и Кина прогресивно се развиваат и достигнуваат нови граници, рече рускиот претседател Владимир Путин при денешната средба со Ванг Ји, шеф на канцеларијата на комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК) и член на Политбирото на ЦК на КПК.
„Руско-кинеските односи се развиваат како што планиравме во претходните години, сè оди напред и се развива. Достигнуваме нови граници“, рече шефот на руската држава.
Путин на почетокот на разговорот со Ванг побара да му ги пренесе „најубавите желби“ на, како што рече, „нашиот, мојот пријател – претседателот на Народна Република Кина, другарот Си Џинпинг“. Тој потенцираше дека Русија ја очекува посетата на кинескиот претседател, нагласувајќи дека личната средба ќе даде дополнителен поттик на развојот на односите меѓу двете земји.
Тој оцени дека соработката меѓу Москва и Пекинг е многу важна за стабилизација на меѓународната ситуација.
Путин укажа и на растот на обемот на трговската размена меѓу Русија и Кина.
„Ние си поставивме цел да достигнеме 200 милијарди долари во 2024 година. Минатата година тоа беше веќе 185 милијарди долари, а нема зошто да не веруваме дека ќе ги постигнеме целите на ниво на трговски промет, можеби дури и порано од планираното“, рече Путин.
Рускиот претседател посочи и дека во Кина се случиле многу важни внатрешно-политички настани кои придонесуваат за зајакнување на земјата и создаваат услови за нејзин прогресивен развој во согласност со плановите на Комунистичката партија на Кина, пренесува ТАСС.
Од своја страна, Ванг се согласи со Путин, потенцирајќи дека двете земји успеале да го издржат притисокот од меѓународната заедница.
Тој додаде дека односите меѓу Москва и Пекинг не се подложни на притисоци од трети страни, бидејќи тие имаат цврсти основи во економијата, политиката и културата.
На средбата присуствуваа и рускиот министер за надворешни работи – Сергеј Лавров, и секретарот на Советот за безбедност – Николај Патрушев.
Американскиот весник „Волстрит џурнал“ вчера објави дека кинескиот претседател би можел да ја посети Русија во април или почетокот на мај.
Руското Министерство за надворешни работи на крајот на јануари соопшти дека посетата на кинескиот лидер на Москва оваа пролет ќе биде централен настан во односите меѓу двете земји.
Извор: МИА