Потврдено повлекувањето на Ковачевски, директни внатрепартиски избори во јуни

Извршниот одбор на СДСМ, по потврдувањето на повлекувањето од функцијата на претседателот на партијата Димитар Ковачевски, на вчерашната седница ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.

Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата, Извршниот одбор, како што информираат од Центарот за комуникации со јавност на партијата, заклучил дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.

– Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, се вели во соопштението од СДСМ.

Прочитајте и:  Деспотовски: СДСМ ќе се врати на вредностите и традициите од АСНОМ

Извршниот одбор донел одлука и за формирање на работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори, како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ.

Димитар Ковачевски на седницата го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и иницирал свикување отчетен Конгрес.

– Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност, се вели во соопштението.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, како што информираат од партијата, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови. 

- Реклама -