Постои можност Албанија и РСМ да бидат поделени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, изјави во Софија хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

„За жал, постои можност Албанија и Република Северна Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Република Северна Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи“, изјавил претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, за време на официјалната посета на Бугарија на покана на бугарскиот колега Румен Радев. Според него, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

„Сега ќе дојдеме до точка дека РСМ, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека на време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни“, истакнал Милановиќ, објави Бугарската телеграфска агенција (БТА), а пренесува МИА (во согласност со Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден двете агенции да разменуваат вест на денот избрана од другата агенција).

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Според Милановиќ, сите овие земји веќе треба да бидат дел од ЕУ, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија.

Радев, пак, на заедничкиот брифинг со хрватскиот колега, истакнал дека двете Бугарија и Хрватска имаат заеднички и слични односи за голем број важни прашања за регионот и Европа. Како одговорни и активни членки на ЕУ и НАТО, двете земји имаат важна улога и одговорност за зајакнување на безбедноста, стабилноста и развојот на просперитетот во регионот, рекол Радев.

Како што наведува БТА, двајцата претседатели го делат мислењето дека забрзувањето на евроинтегративниот процес за Западен Балкан е клучен фактор за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.

Длабоките регионални и глобални промени кои произлегуваат од војната во Украина, оценил Радев, покажале дека има потреба од драстични мерки за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот, за развој на енергијата и подобрување на сеопфатното поврзување – транспорт, енергија, дигитална, како и за продлабочување на интегративните процеси на Западен Балкан. Според него, овие процеси бараат активен политички дијалог и соработка.

Извор: МИА

- Реклама -