Помпео: САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина дури и ако Трамп се врати на власт

Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека САД најверојатно ќе продолжат да обезбедуваат финансиска и воена поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија доколку поранешниот републикански претседател Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

Тој, говорејќи за време на посетата на Токио, истакна дека „никогаш не видел“ Вашингтон „да се оддалечи“ од своите сојузници и партнери за време на мандатот на Трамп (2017-2021) и покрај ставовите дека неговиот поранешен шеф ќе ја прекине или замрзне помошта за Киев доколку се врати на власт по претседателски избори кои ќе се одржат во ноември годинава.

Помпео истакна дека членовите на Републиканската партија имаат многу различни политички ставови, но дека секогаш ја разбирале улогата на САД во светот и нејзините одговорности.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Тој исто така посочи дека Трамп не сака војна и оти ако повторно стане претседател ќе се залага светот да стане „помирно и попросперитетно место“, како и дека ќе работи на воспоставување добри односи со пријателските нации.

Според Помпео малку веројатно е дека ќе се променат „структурните идеи“ од првиот мандат на Трамп, како што е намалувањето на билатералниот трговски дефицит со Кина, барањето од членките на НАТО да го платат својот „фер удел“ и слично.

Помпео беше американски државен секретар речиси три години од 2018 година, а претходно беше директор на ЦИА.

- Реклама -