„Поделени Албанци околу Курти и обединети Македонци околу ВМРО“: Српските медиуми пишуваат за изборите во Македонија

Српските медиуми и денеска, од кои РТС, Н1, НОВА од лице место и преку домашни аналитичари пишуваат за изборните резултати, анализирајќи ги очекувањата на граѓаните и можната надворешна политика кон ЕУ, соседите и името на државата на идната македонска влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Доцна синоќа беше пренесена честитката од српскиот премиер Милош Вучевиќ на Х до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и до новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, со пораката дека „се радувам на соработката за доброто на двете држави и двата народа“.

Нова.рс во текстот „Граѓаните очајно сакаат да влезат во ЕУ, Северна Македонија се врти надесно: Тектонски промени во балканската држава“ пишува дека ставовите искажани во кампањата на Сиљановска Давкова и Мицкоски сугерираат дека „ќе има промена на политиката надесно, додека гневните граѓани бараат забрзување кон европскиот курс и борба против распространетата корупција“.

– Мицкоски користи сè поагресивен речник кон најголемата албанска партија во земјата (ДУИ), предизвикувајќи загриженост дека реториката може дополнително да ги заостри кревките меѓуетнички односи. Албанците сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата, а лидерот на ДУИ Али Ахмети водеше краток вооружен бунт за поголеми албански права во 2001 година, пишува Нова.рс.

Со слична тема се бави и „Време“ кое пишува дека пратеникот на ПДК Беким Хаџиу изјавил дека изборните резултати во земјава покажале дека учеството на косовскиот премиер Албин Курти и Самоопределување придонеле за триумф на националната опција и поделба меѓу Албанците во таа земја.

-Албин Курти Албанец разбивач. Поделени Албанци во Македонија и обединети Македонци околу ВМРО, оцени Хаџиу.

И додека ТВ Н1 од Скопје емитуваше прилог на тема „По изборите очекуваме подобар живот“, а „Политика“ за новата ера во државава, весникот „Данас“ пишува за причините за „дебакл“ на СДСМ.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

-Во врвот на социјалдемократите дојдоа многу слаби играчи, па затоа одиграа многу лошо. Едноставно се затворија во канцелариите, престанаа да контактираат со луѓето. Освен тоа, тука одредена улога одигра и ДУИ, која поради своите специфични позиции, свесна дека од неа зависи опстанокот на коалициската влада, побара и доби многу значаен простор, објасни Нано Ружин.

Белградски „Блиц“ во насловот „Бран на национализам се шири во земјите околу Србија, се заканува нова пресметка меѓу соседите“ пишува дека „во Хрватска и Северна Македонија се случува голем пресврт по подемот на десничарските партии по неодамнешните избори. Едно е сигурно, Европската Унија со загриженост ги следи овие случувања во нашиот регион“.

– Изборните резултати предизвикаа загриженост за потенцијално заладување на односите со балканските соседи и застој на преговорите за членство во ЕУ, пишува Блиц.

„Курир“ во насловот „Новата претседателка навистина ќе гради добри односи со Србија“, го цитира лидерот на Демократските партии на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, кој очекува „за партијата висока позиција во новата влада, на министерско место“.

-За разлика од претходниот претседател, кој вербално се залагаше за добри односи, во овој случај, кога станува збор за новиот претседател, станува збор за личност која не само вербално, туку и реално ќе гради добри односи со Србија, изјави тој и додаде дека честитката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ одлично одекнала во македонската јавност.

Извор: МИА

- Реклама -