Петровска: Сѐ уште траат преговорите со Украина за предметот на четвртиот пакет донација

„Во моментов, генералштабот на Армијата како стручно тело ја прави анализата, а штом ја завршат и донесат свој став, јас нема да има проблем тоа политички да го поддржам и проследам понатаму“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостување на „Топ Тема“ на ТВ „Телма“, во врска со најавениот четврт пакет донација за Украина.

Како што истакна министерката, предметот на донација е сè уште во фаза на преговори со украинската страна, но, посочи таа, постои и листа која што е класифицирана и на која што треба нашата држава да даде одговор.

„Откако ќе се донесе безбедносната проценка дека се отстранети сите безбедносни ризици од соопштување на деталите, сите три одлуки ќе бидат декласифицирани и точниот вид и количина на опрема ќе биде на увид на јавноста“, увери Петровска.

Прочитајте и:  Кремљ: Смешно и апсурдно е да се обвинува Русија за оштетување на каблите во Балтичко Море

Во врска со претходните три донации и донираните тенкови, министерката повтори дека донираните тенкови веќе не биле употребливи кај нас, а се работи на набавка на помодерни оклопни возила. Притоа, Петровска потенцираше дека во процесот на модернизација, опремување и развој на Армијата, земјава доби и сојузничка поддршка од САД со 78 милиони долари, средства кои, како што рече, ќе се наменат и за развој на капацитетите за сајбер одбрана.

„Оваа година одбранбениот буџет изнесува 1.77 проценти од БДП, односно околу 220 милиони евра, од кои 30 проценти се одвојуваат за модернизација и опремување. Пристигната е првата пратка од Лесните оклопни возила JLTV, во тек е набавка на возила Stryker, а потпишан е и повеќегодишен договор за набавка на француски системи за противвоздушна одбрана“, додаде Петровска.

- Реклама -