Петровска: Ако можеме да излеземе во пресрет, повторно ќе испратиме воена помош за Украина

Земјава засега нема донесено нова одлука да испрати воена помош за Украина, иако неодамна во рамки на Министерскиот состанок на министри за одбрана што се одржал минатата недела во Брисел до земјите била доставена листа на потребна опрема. Ако има можност да се излезе во пресрет на дел од потребите, по консултации со Генералниот штаб на Армијата, тоа ќе биде направено, а јавноста ќе биде информирана, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Минатата недела се одржа Министерски состанок на министри за одбрана во Брисел. Меѓу другото, имаше и сесија посветена на Украина, како центар на случувањата во овој подолг временски период. Беше поделена поголема листа на опрема која ѝ е неопходна, а која заради сензитивноста е класифицирана. Во консултација со ГШ на АРМ, доколку има простор и можност да се одговори позитивно на дел од тие побарувања, апсолутно ќе биде предложена до Владата повторно таква одлукаа, а за тоа ќе бидат известени медиумите и јавоста. Сега засега ја согледуваме нивната листа на побарувања“, рече министерката во одговор на новинарско прашање.

Прашана дали е можно да добиеме воена опрема од членките на Алијансата како некаква компензација за опремата што ѝ ја дадовме на Украина, како што е случаот со некои други земји, Петровска вели дека таква директна помош не добиле, но потенцираше дека е голема финансиската поддршка што ја добиваме.

Прочитајте и:  Анкета на Галуп: Над половина од Украинците сакаат крај на војната со преговори што поскоро, опаѓа оптимизмот за членство во ЕУ и НАТО

„Еден од постулатите на кои фунционира НАТО Алијансата е грижата на сојузниците едни за други. Неодамна пред неколку недели јавно соопштивме, МО и Амбасадата на САД во земјава, дека за оваа година, до овој момент, на РСМ ѝ е доделена финансиска помош од 78 милиони долари. Ова е поприлично голема сума финансиски средства споредено со сета помош што претходно ја имаме добиено“, рече Петровска.

Таа финансиска помош, додаде, ќе биде првенствено наменета за проекти кои веќе се започнати и се однесуваат на модернизацијата на Армијата, за набавка на нова опрема. Сето тоа, ќе биде во согласност со актите, документите за развој на капацитетите и способноста на нашата Армија, додаде Петровска, констатирајќи дека иако не добиваме директна компензација, треба да го нотираме вниманието и поддршката што ја добиваме од сојузниците во НАТО.

Извор: МИА

- Реклама -