
ВМРО-ДПМНЕ изрази реакција по одлуката за куќен притвор на Артан Груби, истакнувајќи дека „правдата мора да биде присутна и таа треба да биде неселективна и конечна“. Од партијата посочуваат дека одлуката за куќен притвор е во надлежност на обвинителството, кое, според нив, ужива ниска доверба кај граѓаните и за чие задржување на функциите, како што тврдат, се залага СДСМ.
„Сите забелешки можат да се упатат на таа адреса“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ треба да се усогласи „сама со себе“, бидејќи, како што нагласуваат, изнесува контрадикторни ставови – наутро тврдат дека ДУИ е во служба на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна дека двете партии имаат договор.
Во реакцијата, тие наведуваат дека СДСМ е во паника поради можноста Груби да открие, како што велат, „ортачките криминали“ на поранешните влади предводени од Зоран Заев, како и за други функционери од редовите на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ поставува прашање зошто, според нивните наводи, врвот на СДСМ одржал состанок и покажал интерес за исказот на Груби во обвинителството, оценувајќи дека однесувањето на СДСМ во овој случај е обид за одвлекување внимание.
„Црната кутија на криминалите на СДС и ДУИ е отворена. Прашање на време е кога исплашените од СДС ќе му се придружат на Артан Груби на судските клупи“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.



