Османи за војната во Украина: Не може да сме неутрални кога се кршат меѓународното право и европската безбедносна архитектура

Ставот на земјава во однос на агресијата врз Украина не е став кон рускиот народ и кон Русија, туку кон агресивното однесување на руските власти кое го загрозува светскиот мир, преку рушење на основните принципи на кои се темели мирот во светот, во Европа и во нашите граници, потенцираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Тоа се принципи кои го одржуваат и мирот во нашата држава. Нашите граѓани уживаат мир затоа што после Втората светска војна е воспоставен меѓународен правен ред и поредок кој што спречува државите насилно да ги нападнат соседните држави“, посочи Османи на прес-конференција за време на министерскиот состанок на Иницијативата „САД-Јадранска Повелба“ (А5), што денеска се одржа во Скопје.

Прашан да ја коментира оценката на Москва дека Македонија направила грешка со испраќањето оружје за Украина, Османи истакна дека земјата не може да остане неутрална во услови кога Руската Федерација, како што рече, насилно и неоправдано ги прекрши основните принципи на меѓународното право и на меѓународното хуманитарно право, кои воедно се и принципи на европската безбедносна архитектура кои го одржуваат мирот во Европа во последните 70 години.

„Ние не даваме оружје на Украина за да нападне друга држава, туку за да се брани. Денес Украина не ги брани само сопствените граѓани и сопствениот мир. Денес украинските војници и украинскиот народ се борат и за нашиот мир. Се борат и за нашите вредности“, рече Османи.

Самиот факт што Македонија е дел од тој систем на вредности во кој доминира принципот на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на суверените држави, владеењето на правото, демократијата и човековите права, покажува дека сме на вистинската страна на историјата, оцени шефот на дипломатијата, додавајќи дека односите со Русија во моментов се во заден план.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

„Билатералните односи со Русија сега се многу помалку важни од загрозувањето на мирот, кое започна со руското агресивно однесување и ја отвора Пандорината кутија за слично такво однесување на агресивните режими“, подвлече Османи, додавајќи дека ако се дозволи голема земја да го нападне својот помал сосед, тогаш тоа ќе стане правило и никој утре не може да спречи такво сценарио и во други региони.

„Затоа денеска треба да се каже стоп на праксата државите да го нарушуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на соседните држави“, заклучи тој.

Како што информираше, на денешниот министерски состанок на А5 виртуелно се обратил и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој ѝ се заблагодарил на земјава за политичката и хуманитарната поддршка, а изразил и поддршка за Јадранската повелба како платформа за концентрирање на евроатлантската енергија во регионот.

„Каде што има евроатлантска енергија, таму има мир, таму има стабилност, тоа се докажува сега. Во земјите каде што го нема НАТО чадорот, постои војна, постојат ризици. Од перспективата на Украина можеби најдобро се гледа важноста на фактот дека ние сме денес во НАТО“, истакна Османи, потсетувајќи дека вчера земјава одбележа три години од зачленувањето во Алијансата.

Според него, токму членството во НАТО ни го овозможува комодитетот да живееме во мир, и покрај фактот што, како што рече, „во наша близина има војна“.

Извор: МИА

- Реклама -