Османи: Уставните измени се во интерес на државата, референдум за Договорот со Бугарија не може да има

Уставните измени се во интерес на државата, а референдум за Договорот со Бугарија не може и не треба да има зашто неговото поништување е ризикување на евроатланстка Северна Македонија, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи во вечерашното гостување во дневникот на ТВ „Сител“.

Во однос на иницијативата за референдум, тој смета дека опозицијата свесно или несвесно направила една голема услуга на процесот на уставните измени, затоа што ја раздвоила дебатата помеѓу Договорот со Бугарија и измените на Уставот.

„Уставните измени не се дел од обврска од Договорот. А оние што рекоа – да правиме референдум за Договорот со Бугарија, тоа значи дека уставните измени се добри и ние можеме тој процес да го тераме. Таков беше ставот на опозицијата од почеток, вие ја знаете изјавата на Мицкоски – ако е ова последно барање на Бугарија во ред сме со уставните измени. Потоа рече во ред сме – ние не сме против внесување на Бугарите, Црногорците и Хрватите, но заради тоа што е уцена не прифаќаме, што значи дека во суштина никој не е против. Дури има многу во ВМРО-ДПМНЕ со кои јас комуницирам коишто знаат дека е ова во интерес на македонскиот народ, во интерес на државата бидејќи претставува институционално дефинирање на односите помеѓу мнозински македонски народ и бугарски малцински народ во РСМ“, вели министерот за надворешни работи.

Османи кажа дека во моментов нема формални разговори со пратениците за уставните измени, иако има комуникација.

„Јас во тие разговори и во рамки на Владата имам поинаков пристап како треба да пристапиме на овој процес. Сметам дека ние имаме еден друг проблем пред да стигнеме до убедување на пратениците, а тоа е убедување на граѓаните. Очигледно во оваа фаза пропагандата и лажните вести не победија во аргументирањето што се случи со почетокот на преговорите“, рече Османи.

За официјалниот старт на скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија што почна денеска во Брисел, Османи вели дека е суштинска фаза на преговорите и затоа треба да има недоразбирање во јавноста дали тие се почнати или не.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Скринингот ги утврдува целите кои треба да ги постигнеме во текот на преговорите. Не е за да ги стартува преговорите. Ние сме ги стартувале преговорите на 19-ти јули со првата меѓувладина конференција и тука веќе почнува одбројувањето како кај секоја држава. Сега се утврдуваат патоказите, точните бенч-маркови коишто треба да се постигнат. Скринингот е деталниот проект за самиот процес на преговори и еден од најсуштествените елементи“, појасни Османи.

Прашан за дилемата во јавноста дека преговорите зависат од уставните измени, шефот на дипломатијата посочи дека според постигнатиот компромис некаде во текот на преговорите, а пред отворањето на првиот кластер, односно Поглавјата 23 и 24, треба да се направат измените на Уставот.

„Тоа беше компромис бидејќи Бугарите бараа пред скринингот односно пред почеток на преговорите да се направат уставните измени. Нашата позиција беше не, туку на крај на преговорите. И постигнавме компромисно решение – ниту бугарската позиција пред почеток на преговори, ниту нашата, на крај – некаде на средина после завршувањето на скринингот“, рече Османи.

Сепак, вели, за да продолжи отворањето и затворањето на поглавјата има еден услов и тоа беше компромисот со Бугарија.

„Да ги потсетам уште еднаш граѓаните, секогаш велам исходот на преговорите со Бугарија беше 3:1 за нас, ние го зачувавме јазикот, ги почнавме преговорите, ги оставивме историските прашања надвор од патоказите, од овие акциски планови, а Бугарија доби промена на Уставот некаде на средина на процесот, односно после почетокот на преговорите. Затоа сметам дека беше добар компромис, плус имајќи предвид дека уставните измени не се контроверзни. За уставните измени има консензус во јавноста дека тоа не е штетно за државните интереси, за интересите на кој било“, нагласи Османи.

Извор: МИА

- Реклама -