Османи: Секој што нема да ја поддржи европската опција всушност ја поддржува изолацијата, враќање на етничките тензии и тепачките по автобуси и училиштата

Кандидатот за претседател поддржан од „Европскиот фронт“, Бујар Османи денеска нагласи дека уставните измени се еден од предусловите за да ја одбереме една од двете визии – визијата за мултиетничка европска држава која нуди еднакви можности за сите и алтернативната понуда изолација од светот и етнички тензии.

-Овие избори се историски и се специфични. Овие избори не се натпревар помеѓу различни политички партии, помеѓу различни кандидати на изборната сцена. Ова е избор помеѓу две визии, концепти – визијата за мултиетничка европска држава која нуди еднакви можности, и е економски развиена и алтернативната понуда е изолација од светот, етнички тензии, регрес и враќање назад по однос на економскиот стандард. Тоа се двете визии кои им се нудат на граѓаните и затоа велам дека ние сме на крстопат. А, во политиката вакум нема, нема празен простор. Уставните измени се едeн од предусловите за да ја одбереме едната или другата визија. Уставни измени мора да има оваа година за да можеме да ги отвориме поглавјата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Ако некој не ја поддржува европската визија, тоа не значи дека не поддржува ниедна опција, рече Османи на панел-дискусијата „Еднаквост, консензуалност и социјална кохезија“.

Секој што нема да ја поддржи европската опција, според Османи, дури и да не гласа, всушност ја поддржува опцијата за изолација, за враќање на етничките тензии и за враќање на тепачките по автобуси и училиштата, изолирање на една мала земја во регионот.

-Значи, да останете едно слепо црево во еден тежок регион, во кој никој нема да ви дојде на посета од светските лидери, во кој нема да има инвестиции заради тоа што никој не инвестира во земја која што е има непредвидливост, а тоа ќе се случи ако овие најави се остваруваат дека ќе се загрози Преспанскиот договор, Договорот за пријателство и Охридскиот договор. Имам јасна визија во главата како ќе изгледа таа држава – изолирана, тензична, држава во која ќе се гушиме во таа изолираност и ќе имплодираме во делот на вредности поради бесперспективноста. И алтернативата е „Европскиот фронт“ на девет политички партии од сите етнички заедници кои нудат соживот, хармонија, перспективност, благосостојба за граѓаните и членство во Европската Унија, рече тој.

Османи нагласи дека првата работа што ќе ја направи како шеф на државата е на еден состанок да ги собере сите лидери на политичките партии и чинители од кој, како што рече, нема да излезат без подадена рака дека по однос на Европската Унија да не има разлики.

-Првата работа што ќе ја направам како претседател на државата, е да ги затворам во резиденција на претседателот сите лидери на политичките партии и чинители на состанок кој што ќе трае со денови и недели, ако треба и со месеци, но не излегуваме без подадена рака дека по однос на Европската Унија нема да имаме разлики. По однос на оваа историска шанса да станеме членка на ЕУ нема да имаме различности. Ќе се натпреваруваме за сите теми, но не за Европската Унија. И ако тоа значи да се здружиме сите во една влада само да успее приказната, бидејќи знаејќи ги информациите и околностите, знам дека ако ја пропуштаме оваа можност ние пропуштаме уште 20 години во која ќе изгубиме една цела генерација. Не е патриотизам да го кочите европскиот процес. Со секој ден одложен европски процес, една група Македонци добиваат бугарски пасош и заминуваат во Европа. Една група Албанци, Роми, се качуваат во автобуси и заминуваат во Европа. Нема да можеме да ги вратиме тие луѓе, а се плашам дека 20 години луѓето некако издржаа со прашањето на името, дека ако повторно ни се најави 10-годишна, 20-годишна изолација тогаш ние ја губиме и надежта. А надежта е таа што последна умира. Црна и бела е опцијата, трета опција нема на овие избори. Тоа се европскиот фронт и националистичкиот фронт, рече тој.

Османи потенцира дека Преспанскиот договор, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Охридскиот договор и ветингот со меѓународен борд на сите носители на јавни функции, се четирите столба кои ќе бидат поставени на маса при формирање на влада.

- Реклама -