Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ клучни за справување со руските безбедносни закани

Време е за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот Балкан, бидејќи забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел.

– Нашиот регионот се повеќе станува поле за геополитички натпревар, а Западниот Балкан е на линија на огнот на цивилизацискиот судир меѓу Западот и Истокот. Руската воена агресија врз Украина покажа дека безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а како што сум истакнал и во други прилики, Украина е само првата станица од руските империјалистички амбиции. По Украина, руската агресија се очекува да продолжи и наредна станица да бидат земјите од Западен Балкан, рече Османи.

Тој нагласи дека денешниот министерски состанок е значаен затоа што заеднички со сите сојузници во седиштето на НАТО во Брисел ја одбележуваме 75-годишнината од формирањето на Алијансата.

Прочитајте и:  Германската „Рајнметал“ потврди дека гради фабрика за муниција во Украина

– И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички”, потенцира Османи.

На средбата беа разгледани и начините и механизмите за натамошно зајакнување на поддршката за Украина и за продлабочување на соработката на НАТО со партнерите од индо-пацифичкот регион, како и за засилување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, при што во тој контекст Османи нагласи дека земјава го постигна минималниот праг за одвојување на 2 отсто од БДП за потребите на одбраната.

На министерскиот состанок, кој продолжува и утре, стана збор и за подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон што ќе се одржи во јули 2024 година.

- Реклама -