Османи: Отворањето на бугарскиот клуб е провокација и пред сѐ на штета на бугарската заедница во државава

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид е провокација, која оди на штета на бугарската заедница во државава.

„Правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства… тоа треба да се прави во духот на дијалог и пријателство, а ова име не помага во пријателството, туку напротив, е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука, сметам дека е провокација. Ова оди на штета на интересите на бугарската заедница во државава и тоа во момент кога таа заедница добива можност повеќе да се здружува, да ја изразува својата посебност и преку Протоколот и обврските од Протоколот и дебатата за промена на Уставот. Кој тоа им го руши имиџот и овде пред граѓаните и пред меѓународната заедница преку имиња кои што се широко прифатени како спротивни на вредностите кои ги споделуваме, не можам да кажам“, рече денеска министерот Османи на новинарско прашање на редовниот брифинг со новинарите.

За изјавите на неговиот бугарски колега Митов во однос на отворањето на клубот во Охрид, Османи рече дека тоа е недозволиво мешање во внатрешните прашања на Република Северна Македонија. Се надевал дека тоа ќе му го кажел во Прага каде се одржа првиот состанок на Европската политичка заеница, но поради сплет на околности не се виделе, а ставот, најави, ќе му го пренесе на претстојната средба во Берлин на 21 октомври.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Во однос на превенирање на регистрирарањето на вакви здруженија со имиња кои провоцираат, шефот на дипломатијата вели дека МНР нема никаква надлежност, туку дека тоа е во доменот на Министерството за правда, кое веќе има формирано советодавно тело кое ќе ги разгледува имињата на клубови и здруженија кои ќе се регистрираат во земјава, а што е времено решение додека не се направат измени на Законот за здруженија. Тој посочи дека ова е чувствително прашање и укажа на искуството со здружението „Ратко“ кое пред повеќе години беше забрането, а судот во Стразбур ја поништи одлуката на нашиот Суд дека без основа било забрането тоа име на организацијата.

„Затоа, мора да бидеме внимателни тука и во рамки на нашите закони, и во меѓународните правила, но во Владата се отвора дебата во однос на ова прашање. Јас мислам дека навистина треба да се разговара и со граѓаните со бугарско етничко потекло во Република Северна Македонија што е целта на изборот на таквите имиња, бидејќи ќе повторам, тоа е, пред сѐ, на штета на бугарката заедница“, подвлече Османи.

Тој изјави дека од бугарското МНР досега нема никакви реакции за случувањата во Охрид. МНР, рече, не добило покана за присутво на отворањето на клубот во Охрид, а и да добиело немало да присуствуваат.

Извор: МИА

- Реклама -