Во вчерашното 30-минутното обраќање пред партиските членови, функционери и министри, лидерот на ДУИ – Али Ахмети, ги опфати сите важни теми, со главен акцент на важноста на процесот за влез во НАТО и ЕУ:
„Иако не сум лекар ќе се изразам така. На крајот сме од завршувањето на еден голем процес и тоа е исто како раѓање на дете. Мораме да бидеме внимателни да не го повредиме. Затоа се обраќам до опозициите од двете страни да не го злоупотребуваат процесот. Не е време за политички поени и градење на политички кариери. На 9 ти јануари ќе почне да се пишува најновата историја“, пренесува Телма.
За Ахмети и ДУИ не постои друго решение освен консензуален претседател. Не откри кој е предлогот, но очекува брзо решение.
„Сакаме консензуален претседател што ќе ја турне државата нанапред. Сé уште немаме конкретен предлог, но на добар пат сме да најдеме соодтвено име со нашите стратешки партнери“, рече Ахмети.
Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во интервју за Телма беше нешто поконкретен:
„Македонија треба да има консензуален претседателски кандидат и тоа треба да биде на предлог на партиите кои се носители на важните процеси, во случајот СДСМ и ДУИ“, изјави Османи.
Тој посочува дека професорот Денко Малески бил оценет од лидерот на ДУИ Али Ахмети како добар кандидат, а тој бил нивен кандидат и во времето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.